Од стартната точка лоцирана кај старото селско училиште точно во 09:00 часот утринава тргнаа во велосипедска авантура низ убавините на Кожуф планина и околината на село Серменин над 60-на велосипедисти, членови на „Гевгелија точак клуб“ кои ја реализираат спортско-рекреативната тура „Сите уф Серменин“.
Велосипедистите беа пријатно дочекани од мештаните, сезонските посетители и викендашите во Серменин кои овде доаѓаат на воздушна природна кислородна „бомба“ за здравје, а и да го проследат денешниот нов спортски настан низ падините на Кожуф и околината на Серменин.
Еве како изгледаше на стартот:
Велосипедската траса поминува после училиштето кон манастирот „Свети Илија“, понатаму кон викенд населбата Коњаре, па кон Висока чешма, од каде се прави целосно кружно свртување и велосипедистите се движат повторно кон с.Серменин каде завршува 40 км рута. Целта е повторно пред селското училиште.
Овде на лединката е организиран дочек за велосипедистите од мештаните на Серменин и организаторот на настанот, со леска закуска за закрепнување.
Додека се очекува да се вратат точкаџиите може да се заигра табла, шах и на свој начин да се исполни времето до финишот на спортско-рекреативниот настан, за заедно да се ужива во остатокот од убавиот сончев есенски ден на Кожуф.
Видео: Љ.Николова