Гевгелија за прв пат има свој претставник на Државното првенство во пливање за основни и средни училишта.
Тоа е 12 годишниот Калин Узунов, ученик од ООУ „Ристо Шуклев“ од Негорци.
Калин настапи на трката на 50 метри за машки во слободен стил (Freestyle) и исплива за време од 58 секунди и 59 стотинки.
Државното првенство се одржа на 13 септември на базент Борис Трајковски во Скопје, а Калин настапи во конкуренција за Основни Училишта во категорија за 6 и 7 одделение.
Ученикот Калин Узунов е 7а одделение од основното училиште во Негорци каде наставник по физичко образование му е Бојана Танова, дипломиран образовен кадар по физичко образование, до скоро активен спортист и актуелен фудбалски тренер на младите од ФК „Кожуф“.
Калин беше посетител на еднонеделниот курс по пливање што летово го организираше општина Гевгелија, очигледно не за да научи да плива, туку да научи техники на пливање за да биде подобар и спортски определен. Така се роди храброста да учествува на Државното Првенство во пливање организирано од Федерацијата на училишни спортови, под менторство на својата наставничка Бојана Танова.
На Првенството Калин ги испроба свите вештини во пливање рамо до рамо со 275 ученици од различни општински училиште од државата, Скопје, Битола, Прилеп, Струга, Куманово, Гостивар.
Резултатот е очигледен, а ќе служи за потстрек и за идни натпреварувачки сесии на Калин, и секако овозможување на тренажна програма за младите пливачи во општина Гевгелија.