Кога ќе го исполните својот животен аманет да образувате, воспитувате, да ја ширите музиката и музичката уметност како меѓународен јазик на разбирање кој го препознава цел свет, кога ќе создадете колективна хармонија со колегите и соработниците, кога ќе го поминете работниот век со вложување и почит, ете доказ како заслугите се препознаваат и признаваат.
Колективот на ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија денеска приреди свечено проштално изнанадување од училишните клупи и училишниот дневник за својот колега и наставник Крсте Издушнов, кој го помина својот работен век како наставник по музичко образование во ова училиште.
– „Со голема чест и емоции го испративме нашиот драг колега Крсте Издушнов во заслужена пензија. По многу години посветена работа и придонес кон училиштето и колективот, денеска го испративме со убави желби и благодарност за се’ што направи. Дополнително, му го честитаме именденот и роденденот и му посакуваме многу здравје, радост и убави моменти во пензионерските денови.
Пензијата не е крај, туку почеток на нови животни авантури. Уживај во секој момент, Крсте!“ – порача колективот на ООУ „К.Мисирков“.
Денешниот пригоден настан со емоции е убав пример на почит и благодарност.
Наставникот Издушнов раководеше со училишниот хор со кој училиштето настапуваше на Републички и Регионални хорски и оркестарски смотри, републички и меѓународни натпревари и, секогаш, најмалата награда која ја освојуваше со учениците беше второто место, а се редеа и први места по хорско пеење.
Среќно пензионирање на вредниот наставник! Честит Крстовден, честит роденден!