Најдобриот мед по квалитет, носител на ЗЛАТЕН медал од АГРО Саемот во Струмица 2024 што се одржа денеска е „Планинскиот мед“ во производство на Димитар Ѓоргиев од Гевгелија.
Пчелниот труд и овој сладок производ се создаваат после цветната паша на подножјето на Кожуф планина во историското село Конско каде семејството Ѓоргиеви има свои кошници со пчели и трудољубиви производители на мед.
АГРО Саемот Струмица 2024 – организиран како фестивал на храна, мед и пијалоци годинава се одржа по четврти пат и на истиот зедоа учество најзначајните компании во агро бизнисот и најголемите производители на храна од регионот. Исто така саемот беше неизбежно место за средба на земјоделските производители од земјата и од регионот.
Освен продажно-изложбениот карактер, саемот имаше и натпреварувачки карактер, односно на саемот беше организиран и избор на “Највкусен мед “ каде што пчелари од цел Балкан учествуваа на натпреварот со свои примероци на мед.
Ете, на овој значаен меѓународен натпревар со производители на мед од Балканот ЗЛАТНАТА медаља ја ппонесе „Природен мед“ од подножјето на Кожуф планина, гевгелиско од гевгелискиот домаќин, пчелар и медар Димитар Ѓоргиев.
Организаторот на саемската манифестација Здружение за унапредување и развој на земјоделието „ПРОАГРО ФАРМЕРИ“ на носителот на златниот медал му издаде и Сертификат за „најдобар мед“ на саемот за 2024 година.
„Природниот мед“ на Димитар од Гевгелија по втор пат ја освојува оваа престижна награда. Носител на Златен медал за квалитет е и за 2023 година на истата саемска манифестација. Значи постапката за производство на најквалитетен мед ја научиле, ја усвоиле, ја примениле и не се откажуваат од квалитет, за доброто на своите потрошувачи кои ги има се’ се повеќе, и се’ позадоволни.
Семејството Ѓоргиеви се занимава со произвоство на мед веќе 10 години. Започнале со чување пчели од хоби, со производство на мед за свои потреби, па за пријателите и познаниците, а веќе шест години активно произведуваат мед и пчелни производи, пласирајќи ги на задоволните клиенти.
- „Поседувам 50 коша пчели кои ги одгледувам на Кожуф планина во местото Конско (старо Конско). Пчелите вршат испаша во планинаското опкружување, на 550 метри надморска височина, во чист предел. Посетуват претежно костени и даб, при цветањето на костените и пуштањето медовина од листовите на дабовите дрвја. Токму посетата на листовите на дабот го прават шумскиот мед темен и препознатлив за љубителите на чистиот и природен мед. Годишно произведувам 500 килограми мед и сите ги пласирам кај веќе познати консументи кои сами навраќаат за набавка на природен мед создаден по цветните пасишта од нашата планина“ – изјави за GevgelijaNet, Димитар Ѓоргиев, носител на златниот медал за квалитет од Агро саем Струмица.
Тој вели дека му е задоволство што квалитетот се потврдува секоја година, Веќе има освоени златни медали на саем во Струмица минатата година, на саем во Тузла и на саем во Тетово, сите за извонреден квалитет на „Планински мед“ кој го произведува.
Видеото е амбиентот на 550 мнв каде престојуваат пчелите на семејството Ѓоргиеви и каде се создава победничкиот „Планински мед“.
Честитаме за успехот!
И да не заборавиме при следното купување на мед – планинскиот мед е темен и проѕирен. Вкусете го најдоброто од Кожуф!