По повод националниот празник 11 Октомври, Денот на народното востание на македонскиот народ вчера во Лозово се одржа трка на 15.000 метри и три детски трки на 100, 200 и 400 метри во различни возрасни групи.
На трасата долга 15 км истрча и Валентина Узунова, атлетичарка од АК „7 Ноември“ Гевгелија, единствен претставник од гевгелискиот атлетски клуб на оваа празнина трка.
Валентина истрча за 1 час и 25 минути, а резервираното време за трката е 120 минути. Со ова време на истрчување Валентина беше ПРВА во својата категорија „жени +55 години“.
– „На оваа трка имам учествувано 3 години. Трката беше добро организирана, без котизација, со богата организација на целта, со храна, блузи и секако медал за финиш. Учествувавма околу 60 тркачи.
Стартот беше од Лозово, Милино, Каратманово, Дурфулија, Лозово…кружна патека 15км
Трчавме по полски пат со угорници, околу беа само ниви, топло околу 30 степени. Сепак интересна трка и дружба со маратонците“ – изјави Валентина за спортскиот настап и празничната спортска програма во Лозово .
Организаторот празничната трка во Лозово ја организира веќе трета година по ред, што значи дека нашата најдобра и најнаградувана јужна атетичарка учествува на истата секоја година. За ова има и посебен повод, и празничен, и спортски.
– „Трката е организирана од Општина Лозово кои се добри домаќини. Инаку, Лозово е родно место на најстариот маратонец Санде Стојановски, мој голем пријател“ – открива за GevgelijaNet Валентина.
Санде Стојановски е најстариот маратонец во Македонија Тој е важен затоа што ни’ покажува дека годините не го менуваат младиот дух. Живее во Лозово, има 77 години. Преполн е со позитивна енергија, инспирација е и мотивација за поубав ден и насмевка која дава елан и желба да се направи промена, да се биде здрав и витален како него, тоа е аурата со која зрачи Санде Стојановски секаде каде што ќе се појави. Се’ уште живее со спортски дух и ги мотивира младите да се активираат спортски.
Валентина после трката се сретна со својот спортски пријател и заедно ги проследија останатите детски трки.
Честитки за нашата потврдена Првакиња, Валентина, атлетичарката од југот, резервирана за победничкиот подиум во категорија „жени + 55“!