Четворицата претставници на АК „7 Ноември“ од Гевгелија кои учествуваа на Ултра маратонската трка „Пункс Бекјард Ултра“ Влатко Семенаков, Дарко Прошевски, Валентина Узунова и Методија Ичев, ја завршија трката синоќа доцна во ноќта со истрчани 54 до 120 километри.
Најуспешен на трасата беше Влатко Семенаков со истрчани 120 километри (18 кругови по 6,7 км). Ова е подобрување на неговиот резултат од минатата година кога истрча 107,2 километри (16 круга х 6,7 км), за време од 15:38:51 часа.
Подобрување на личната издржливост на ултра маратонската трка имаше и кај Дарко Прошевски кој истрча 12 кругови и вкупно 80, 4 километри за време од 10 часа и 22 минути. Тој минатата година истрча 9 круга и 60,3 км.
Методија Ичев истрча 54 километри (8 круга х 6,7 км) со елевација од 1300 d+. Минатата година истрч 90 километри. Тој е задоволен од постигнатото на терен, веројатно усредоточен и на следната трка која го чека, а тоа е маратон на планината Олимп во должина од 54 километри и елевација од 2800 d+.
Единствената женска уесничка, членка на АК „7 Ноември“ Валентина Узунова ултра маратонот го заврши со истрчани 8 круга и 54 километри. Својата трка и годинава, таа ја посвети за видливост на проблемите со кои се соочуваат пациентите од Пулмонална хипертензија.
Трката „Пункс Бекјард Ултра“ се’ уште трае. Се трча 26-от круг, значи натпреварувачите 26 часа непрекинато се на тркачката патека. Последните двајца кои ја докажуваат својата ултимативна способност, спортска издржливост, кондиција и тркачка жилавост се Катерина Шиповиќ од АК „Трекс“ од Скопје и Атанасиос Леонидис од Грција.
Минатогодишниот победник на Ултра трката во Гевгелија Жикица Ивановски се откажа од трката по истрчани 25 круга или 167,5 километри. Лани истрча 120 километри, што е сепак негово лично достигување и напредок во ултра маратонот во Гевгелија.