Денеска попладне во црковните храмови во Гевгелија се одбележува предвечерието на празникот Петковден, во чест на Преподобната мајка Параскева, во народот позната како Св.Петка.
Се изведува Акатист со петолебие, со масло, црвено вино и неварена пченица, се’ е тоа вклопено во црковните церемонии заедно со граѓаните кои го одбележуваат овој ден како своја домашна слава, верници и поклоници. Одбележувањата започнуваат во 17:30 часот во Црквата „Св.Кирил и Методиј“, во црквата „Свети Спас“ во Гевгелија, како и во црквата „Св. Петка“ во с. Прдејци, гевгелиско.
Во недела, 27 октомври, одбележувањата продолжуваат со Утрена богослужба во 7:00 часот, Света Литургија во 08:30 часот, благословување на празничните колачи во 10:00 часот, во гевгелиските црковни храмови.
Света преподобна Петка се смета за заштитничка од разни болести и несреќи, заштитничка на сиромашните, болните, заборавените, поради што народот уште ја нарекува и мајка Параскева.
Нејзините чудотворни и исцелителни мошти низ вековите биле пренесувани: во Цариград, во Велико Трново (Бугариjа), па пак во Цариград, па во Белград. Сега, тие се наоѓаат во Романија, во градот Јаш.
Во Македонија култот кон света Петка особено бил раширен во Мариово. Населението верува дека Св.Петка е заштитничка на луѓето, ги чува од суша, поплави, неплодност, громови и од многу други несреќи. Празникот Св. Петка повеќе го празнуваат жените.
На Петковден именден слават Петко, Петкана, Параскева, Пенка.
Нека биде мирен и здравоудобен празничниот ден во чест на преподобна Параскева.
Света Петка нека донесе Здравје, Среќа, Спокој, Љубов, Мир и Слога во секоја душа!