Од 26 јуни годинава започна времениот сообраќаен режим на регионалниот пат Гевгелија-Богданци поради почеток на изведбените работи за реконструкција на оваа патна делница.
Градежната механизација е присутна на теренот веќе четири месеци (поточно 9 недели) и веќе голем дел од постојната делница е раскопан, изваден стариот асфалт и се тампонира патот со зголемени, проширени димензии.
Засега на теренот е присутна цврста ситно-каменеста подлога, но и многу прав од работата на градежната механизација.
До сега работите на проектот „Реконструкција со проширување на регионален пат Р-1109 делница Понов мост – влез во Богданци“ стасаа на три километри до мостот на реката Вардар кај Гевгелија.
Поради големината на делницата која е во градежен зафат, заради регулирање на сообраќајот поставени се семафори, бидејќи истиот се одвива по една сообраќајна лента.
Земјената подлога и семафорите го забавуваат движењето на возилата. Поради тоа голем дел од жителите на околните места кои го познаваат теренот го користат заобиколниот пат Гевгелија – Богородица – Стојаково – Богданци со цел да го избегнат сообраќајниот застој.
Се информираат и останатите да ја избегнат нервозата од чекањето на градежните машини да ја завршат својата работа и да го отворат сообраќајот за останатите возила, да ја избегнат прашината од земјениот пат, да го избегнат доцнењето близу 30 минути на овој патен правец од Гевгелија до Богданци, и да го користат заобиколниот пат преку Богородица-Стојаково до Богданци, а од тука и до Дојран и Валандово.