Почина писателката Оливера Николова, авторка која го обликуваше нашето детство, го создаде зборот иднина верувајќи во невиноста и чистотата на детските срца кои можат многу да создадат, посакаат и сторат со своите чисти мисли и душа.
Родена е во Скопје, 11 март 1936, замина денеска на 88 годишна возраст во Скопје, 4 ноември 2024. Таа пишуваше за деца и за возрасни, а ќе остане запаметена по книгата „Зоки Поки“. Таа е една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки.
Работниот век го поминала во јавниот сервис МРТВ како уредничка и драматург.
Авторка е на триесетина книги за деца и возрасни, меѓу кои има раскази, романи, сликовници и пиеси. Автор е и на неколку телевизиски игри: „Зоки Поки“ (ТВ-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (ТВ-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец) и „Девојките на Марко“ (TВ-серија во шест епизоди).
Николова освои повеќе награди и признанија, меѓу кои се „Рациново признание“, „Стале Попов“, двапати ја освои наградата „Роман на годината“, а беше одликувана и со орден за заслуги.
За жал, не успеа да го види веќе подготвеното издание на Брајово писмо на „Приказни за Зоки Поки“, кое Издавачкиот центар „Алдебаран“ ќе го објави за неколку дена, во чест на 200 години од измислувањето на ова писмо, а кое го очекуваше со нетрпение веќе две годни. Веќе го подготвуваме и изданието на нејзината книга „Девојките на Марко“ на Брајово писмо.
Бескрајно ти благодариме, наша драга Оливера, за бесценетите книжевни дела кои ни ги подари! Нека ти е светол патот! Бесмртни се твоите дела! – напишаа проштална порака од издавачката куќа со која последно соработуваше „Алдебаран“ од Струга.
Зоки ги подава двата денари и вели:
– „Чичко, сакам да го купам сиот свет. За Лидија.“
Оливера Николова 🖤
И од нас читателите благодарност за секоја нејзина мудрост што дише од пишаниот и’ збор.
Светол пат кон вечноста, тивка, а толку моќна Оливера Николова!