Доналд Трамп се враќа во Белата куќа, со убедлива победа што отскокна од најавите дека овие претседателски избори во САД ќе бидат едни од најнеизвесните досега.
Републиканците слават тројна победа. Тие, сосема очекувано, го презедоа мнозинството во Сенатот, но и неочекувано беа во голема предност во однос на демократите во освоени места во Претставничкиот дом.
Трамп, според проекциите, има освоено 277 делегати во изборниот колеџ, седум повеќе од потребното мнозинство, но и убедливо води во четири од преостанатите пет сојузни држави во кои уште не е прогласен победник. Со официјалното потврдување на резултатите од проекциите, што вообичаено е само формалност, Трамп би освоил 312 делегати во Изборниот колеџ, наспроти 226 за кандидатката на демократите, Камала Харис. Републиканецот, според нецелосните резултати, освои 5 милиони повеќе гласови од Харис.
– „Америка ни даде моќен мандат“ – порача Трамп во триумфалното обраќање уште пред да му биде потврдена победата.
Тој насмеан се појавил пред симпатизерите во Конвенцискиот центар во Палм Бич на Флорида, придружуван од идниот потпретседател Џеј Ди Венс, од семејството и од републиканските лидери.
– „Вечерва се случи историја. Надминавме препреки за кои сите велеа дека е невозможно да се поминат. Видете што се случи, зарем ова не е лудо. Но, ова е политичка победа која земјата досега не ја видела“, оцени Трамп во победничкиот говор пред поддржувачите.