Чик Ване, Џоче, Добрилка и другите ликови на хумористичниот серијал кој го реализира „Диверзија“ неделава што измина остварија уметничка посета на Германија. Настапија во градот Берлин, пред тамошната публика.
Ова е втора меѓународна турнеја на „Диверзија“ со која се извезува гевгелискиот хумор заедно со ликовите од нашето поднебје. До сега имаат остварено гостување во Швајцарија, а сега стаса понуда за настап и во Германија.
Каде настапија и како помина нивното гостување пред новата публика? – беше интересот на GevgelijaNet.
Дејан Малзарков: „Прв пат бев во Германија воопшто, настапот беше во Берлин. Стенд Ап-от го отворив со зборовите: -„Абе ного кокал тука. Дек ма донесете? Ние гевгеличајне на 30 степени одма одме зимски јакни да бркме. Как го трпте воа осој време тука?” 😂
Вака го започна разговорот Малзарков со нас, како што настапи и во Германија. Вели дека посетата во Швајцарија била во текот на пролетта и навистина во Берлин се соочиле со зимска клима.
GevgelijaNet: – Го разбира ли публиката гевгелискиот хумор? Дали ја разбираат твојата гевгелиска брзозборка во некои скечеви?
Дејан Малзарков: На настапите имаше публика од цела Македонија. Некои за прв пат се сретнаа со нашиот струја дијалект, ама ја сфатија поентата. Воглавно публиката не ги заборавила семејните релации, случки и социјалните интеракции што се присутни кај нас во Македонија, па лесно се прилагодија на атмосферата. Што не разбраа се дообјаснија низ смеа со останатата публика.
GevgelijaNet: Минатата година на враќање од Швајцарија ги почестивте со пијалок сите патници од авионот. Така и’ нарачавте на стујардесата. Се вративте наскоро од Германија. Ќе најдете ли инспирација за нов забавен скеч за твојата верна публика и публиката на „Диверзија“?
Дејан Малзарков: – „Се вратив дома. Гевгелија си е Гевгелија кој што сака нека каже. 😂 Идеи за нови видеа веќе имаме насоберено, така да во следниот период – очекувајте’.
GevgelijaNet: Се спремате да ја заокружите годината со нови настапи, новогодишни Стенд-Ап гостувања, или оставате публиката сама да Ве побара?
Дејан Малзарков: – „Имаме покани од секаде, дури и од Австралија и Америка. Самиот сум изненаден за се’ ова. Се’ уште ги разгледуваме понудите за да одлучиме каде следно ќе се оди, но сакам да се направат и уште неколку настапи во Македонија пред да почнеме да работиме на ново сценарио за Стенд Ап“.
Малзарков до сега со својот хумор од Гевгелија настапуваше премиерно пред гевгелиската публика, па откако го „скрши ледот“ продолжи со јавни настапи во културните центри во Богданци, Валандово, Струмица, Штип, Велес, Кавадарци, Неготино, Скопје неколку пати.
GevgelijaNet: Ги броиш ли настапите пред публика, кој по ред е овој јавен настап твој и на тимот Диверзија? Да не ги броиме видеата кои ги создаваш секој месец.
Дејан Малзарков: Веќе не ги бројам, фала богу многу настапи станаа и ќе има уште многу. Многу не’ радува што публиката го сака тоа што го работиме и ни’ дава мотивација за константно креирање. ❤️
Ова е искрениот разговор со самоукиот хуморист, творецот на ликовите од гевгелиската социјална средина, кој ги портретира така успешно, без четка, без бои, без платно, без диплома за сценски изведби од Театарска или Филмска Академија, но со вроден талент на сенс за човечките карактери од секојдневието. Така Дејан Малзарков збори со скромност, а настапува со експлозивна експресија на сцена и таа уметничка експресија сама си го најде патот до меѓународната сцена. „Диверзија“ стаса до Швајцарија, до Германија, ги очекуваат во Австралија и Америка.
Кога имаш свој производ, макар тоа бил само хумор, оригинален и оригинално осмислен и изведен, може да стане комерцијален продукт, а популарноста на Малзарков и „Диверзија“ го воздигнаа до извозен продукт.
Продукциониот тим на „Диверзија“ нема кредит од Агенцијата за вработување на млади лица. Сами творат со својата креатива, со техниката која сами ја купуваат од сопствени средства, снимаат во домашни услови, во комшивски, поретко во јавни простори. Создаваат гевгелиски хумор, наш бренд, „извозен“.
Браво дечки! Не заборавајте да ги поздравите гевгеличани кога ќе настапите преку големата бара во Америка и Австралија. За да се воздигнете беше пресудно и нивното прифаќање како публика, и прифаќањето на ликовите кои ги изнесувате на сцена.
Благодариме за разговорот Малзарков. Продолжете со хуморот и успехот заради публиката која ве сака и цени со аплаузот кој ви го праќа после секој настап.
СРЕЌНО!