Се уште траат импресиите од спортскиот настан „November Run“, а некои освен импресиите се’ уште ги држи возбудата од спортските достигнувања на празничниот тркачки викенд во Гевгелија по повод 80 години од ослободувањето на градот во ВСВ.
Такви импресии чуваат учениците од ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија кој освоија четири одличја, дипломи и пехари за своето учество. Тоа се:
1. Снежана Алексова – ПРВО место на детската трка од 1000 метри за деца родени до 2018 и помали – време 5:00 минути;
2. Мелани Вацев – ТРЕТО место на детската трка од 1 км, категорија деца родени 2018 и помали – време 5:19 минути;
3. Ѓорге Петров – ТРЕТО место на детската трка во категорија машки родени 2011, 2012 и 2013 година – време 3:38 минути;
4. Хана Климкарова – ЧЕТВРТО место на трката од 1 км, деца родени 2011 до 2013 г – време 4:14 минути.
Снежана и Мелани се најмалите освојувачки на подиум, тие се првоодделенки и имаат само 6 годинки, Ѓорге е 13 годишен и посетува настава за 8-мо одделение, а Хана е 11 годишна 6-то одделенка.
Инаку, во општинска конкуренција Хана е носител на второто време од трката за деца во нејзината генерација, бидејќи на подиумот на првите две места се искачија девојчиња од Скопскиот атлетски клуб „Кираџиев тренинг систем“ кои беа за 19-20 секунди побрзи од Хана. Ноемвриските трки во Гевгелија привлекоа спортисти од многу градови во државата, особено детските трки, а во сениорска конкуренција привлекоа учество на спортисти и од други држави и континенти.
Заедно со спортските ѕвезди од „Крсте Мисирков“ на спортскиот настан „November Run“ во Гевгелија учествуваа вкупно 140 ученици од истото училиште, заедно со своите наставници за физичко воспитување и здравје.
Бидејќи ова е достигнување кое вреди да се запамети во училишниот двор децата ученици-тркачи направија заедничка фотографија со освоените трофеи, со клубското знаме на спортската манифестација, со своите наставници и секако насмевките радосници.
– „Како наставници по физичко и здравствено образование, горди сме на сите наши ученици кои покажаа сила, издржливост и спортски дух на натпреварот. Вие сте нашата инспирација и потсетник дека со труд и упорност, се е возможно. Мило ни’ е што сите наставници по физичко учествуваме во овој спортски настан и дадовме подршка на истиот“ – велат наставниците по физичко образование и здравје при ООУ „Крсте Мисирков“
Наставниците оформија Училишен спортски клуб „Училишни спортски ѕвезди“ од Гевгелија и овде на креираната група на социјалните мрежи ги промовираат достигнувањата во спортот на младите јуниори од југот.
– „Основна цел на клубот „Училишни спортски ѕвезди“ е зголемување на бројот на учениците кои учествуваат во физички активности и спортски настани. На нашата страна ги објавуваме сите спортски активни ученици, како и активности кои ги нудиме на децата, се’ со цел што повеќе учениците да опфатиме со физичка активност“ – велат наставниците од ова училиште.
Браво за ангажманот! Браво за трудот, за мотивацијата, за спортската поддршка на децата, за резултатите кои ги постигнуваат и сега и во иднина!
Со здрави деца се создаваат темелите за здрава иднина, а со спортот тоа секако ќе значи активација и грабење напред кон успехот понатаму во животот!