Неделава што измина Гевгелија беше центарот на атлетиката во Македонија со учeстvо на околу 2800 натпреварувачи на трките во шест дисциплини: на 10 километри, на 5 километри, три детски трки во различни возрасти и трката посветена на лицата со посебни потреби „Run together“.
На спортскиот настан беа постигнати:
– 4 рекорди на патеката, на 5 и 10км во машка и женска категорија 🔥
– 3 резултати под 30 минути на машката десетка 🔥
– Најмоќен постигнат резултат на улична трка во историјата на Македонија на 10км – 29.42(мажи) и 33.19(жени) 🔥
– Рекордни 37 постигнати резултати ПОД 40 минути на машката десетка.
Ова се валидни оценки на трката, а изнесени од Игор Јакимовски, тренер на Дарио Ивановски, нашиот најдобар атлетичар, Државен првак на Македонија на патеката од 10км, и олимписки претставник на Македонија на ЛОИ во Париз 2024 година. Игор завчера стана добитник на „Награда 13 ноември“ за најдобар тренер во атлетиката што ја доделува Сојуз на спортови на Скопје.
GevgelijaNet: Со вакви резултати и исполнет спортски викенд со илјадна публика низ улиците на Гевгелија кои ги следеа трките, се запрашавме: Кои се главните организатори, кои деновиве ги споменуваме само со клубското име АК „7 Ноември“ Гевгелија, a се медиумски невидливи?
Разговараме со Игор Коцевски – претседател на Атлетскиот клуб „7 Ноември“ и Дарко Прошевски, член на организациониот тим на „November Run“.
Игор Коцевски: – „Идеата за организирање градски трки во Гевгелија кои беа карактеристика на 7-мо ноемвриските празнувања на Денот на ослободувањето на Гевгелија, дојде спонтано од група атлетичари од градот, на една заедничка средба во 2019 година. Сите бевме тркачи, учествувавме на трки во државата и надвор, а во нашиот градските трки беа замрени повеќе од три децении. Во 2019 година истрчавме на денот 7 Ноември околу 25 тркачи. Потоа решивме да организираме трка за следната година. Бидејќи 2020 беше година на пандемија најавивме организирање на виртуелна трка низ улиците на Гевгелија. Не знаејќи колку привраници за трчање ќе привлечеме не изненади одзивот од 118 пријавени. Тоа не’ мотивира следната година да организираме официјална трка со сите спортски правила и регулативи“.
Дарко Прошевски: 118 пријавени тркачи на виртуелната трка беше за нас показател дека во Гевгелија има интересенти за атлетика, и чекаат организациона форма за настап. Виртуелната трка беше еден вид лакмусова хартија да ги откриеме и изнесеме на спортската сцена тркачите во Гевгелија.
GevgelijaNet: Tрката „November Run“ беше круната на празничните одбележувања во Гевгелија. Имавте 2800 учесници, деца, државни прваци, елитни спортисти од странство. Со видливата илјадна присутна публика и улиците полни народ како да го „украдовте“ празникот на победата и стана спортски празник со многу победници. Ви погодува ли таквиот впечаток?
Игор Коцевски: Градот беше полн со еуфорија, со детски насмевки, со лица со посебни потреби кои за прв пат на трката „Run together“ доживуваа внимание, јавна поддршка, бодрења и навивања за нив. Од друга страна пак, нашите домашни спортисти, имаа можност да се тркаат и да ги измерат своите спортски спремности со атлетската светска елита. Тоа е големо достигнување за нас како организатори.
Дарко Прошевски: За прв пат годинава имавме спортисти и од други континенти. Покрај земјите од соседството, имавме натпреварувачи од Кенија, Еритреја. Поради Атинскиот маратон кој се одржуваше истиот ден како и нашите сениорски трки годинава имавме малку претставници од Грција. Извонредно е чувството што сите странски натпреварувачи се чувствуваа добредојдено и пријателски прифатено во Гевгелија. Така и првакот на патеката од 10 км Seare Weldezghi од Еритреја, најави дека ќе учествува на трките во Гевгелија и следната година заедно со повеќе свои клубски атлетичари.
GevgelijaNet: Гевгелија го славеше Денот на победата и гевгеличани беа празнично расположени, а спортски инспирирани да земат уечство на „November Run“, Имавте учество на атлетичари од регистрирани атлетски клубови од државата. Сепак, и покрај спортскиот атлетски митинг во Гевгелија со присуство на атлетиари од цела Македонија, овој настан не одекна и во медиумите со национална концесија. Зошто?
Игор Коцевски: Ние како организатори на трката се трудиме се’ да биде професионално подготвено. Нашата патека на 10 км е сертифицирана патека од Светската Атлетска федерација, па резултатот постигнат на трката е валиден резултат за секој учесник, признаен во цел свет. Добивме сертификат од Светската Атлетската Федерација дека трката на 10 км е трка за Државно првенство на Македонија на 10 км. Трката на 5 км беше меѓународна трка. Сите трки се емитуваа на интернет во живо. Соработувавме со компанијата „Тag Timing Macedonia“ за резултатите. На ваков елитен атлетски настан во државата одговорност на медиумите е зошто не го покриле истиот со информации. Ние нашата организациона задача ја спроведовме до максимум.
Дарко Прошевски: Ние имавме спортски новинари кои беа учесници во трките, но индивидуално, како на пример Марјан Ников. Значи нивниот медиум не ги испратил на задача да известуваат за настанот, а тие знаејќи ја важноста на ова спортско случување во Гевгелија ни’ дадоа поддршка со своето спортско присуство на терените и учество на трките. Единствено сме благодарни на новинарскиот интерес на екипа.мк, на Вечер и на локалните медиуми.
GevgelijaNet: Гевгеличани уживаа во спортскиот викенд со градските трки. Колку Гевгелиската бизнис и локална заедница ви помогнаа во подготовките на еден ваков ангажиран, броен и организационо захтевен спортски настан?
Игор Коцевски: Ваков масовен и меѓународен спортски настан не се организира последните месец дена. Тоа бара целогодишна подготовка контакти со меѓународни клубови, асоцијации, спортски институции кај нас, а сето тоа треба да биде покриено со финансии за да биде професионално изведено и за да добиеме учество на елитни натпреварувачи на нашите трки во Гевгелија. Ние сакаме Гевгелија да ги препознае тие заложби и да се вклучи со донации во нивната реализација за да може „November Run“ да стане вистински меѓународен бренд, а спортисти од светската атлетска фела да се пријавуваат за учество. Ние имаме сили и амбиции да организираме и Балканско атлетско првенство, но за таков голем зафат сите подготовки ги започнуваме уште сега. Вчера доставивме програма за финасирање на АК „7 Ноември“ од Програмата за спорт на Општина Гевгелија за 2025. Одговор би требало да добиеме на почетокот од следната година. Таков одговор би требало да добиеме и од потенцијалните спонзори, кои за жал не можеме да ги вклучиме во сите промоции на спортскиот настан, ако ни’ одговорат позитивно последниот месец од настанот.
GevgelijaNet: Може ли да ни’ ги откриете плановите за следната 2025 година? Што е Вашиот главен интерес како организатори на „November Run“, но и како атлетски клуб?
Игор Коцевски: Очекуваме следната година да биде реализиран проектот за изградба на атлетска патека кај поранешниот комплекс Касарна. Тое е веќе прифатено во програмата на Министерствотот за спорт, па следува тендерска постапка за да почне изведбата. Тогаш и на нашите спортски гости и учесници ќе можеме да им кажеме дека учеството на нашите трки ќе се изведува на професионално изградена атлетска патека по сите стандарди.
Очекуваме поголем број на странски елитни атлетичари на нашите трки во Гевгелија.
Очекуваме да имаме свои простории во склоп на спортскиот комплекс кај атлетската патека за да можеме организационо да функционираме од своето клубско седиште.
Очекуваме поддршка од локалните компании со спонзорства, порано, за да може нивното име, лого, бренд да се најде на натпреварувачките маици на „November Run“.
Очекуваме Гевгелија иако мало гратче да расте како атлетски спортски центар.
Дарко Прошевски: Наш сон е атлетскиот настан „November Run“ да биде елитен настан со ограничен број на тркачи, да имаме учество на елитни атлетичари од светот, „November Run“ да стане атлетски бренд на Гевгелија и регионот, така што за секој спортист да биде чест да учествува на истиот.
GevgelijaNet: И сега, да ги откриеме поименично заслужните за досега сработеното на полето на атлетиката во Гевгелија. Кои се лицата во организациониот тим кои сработија се’ сиве овие месеци, а останаа невидливи за медиумите? Кои се основачите на Атлетскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија кои ја вратија традицијата на градските трки во Гевгелија по повод ослободувањето на градот 7 ноември 1944 година?
Игор Коцевски: Оснивачи на АК „7 Ноември“ се Драган Ристов, Игор Коцевски, Тоше Петков, Тоше Анечев, Никола Ковачев и Маријан Ризов. Сите се најдовме како тркачи, учествувавме поединечно на трки низ Македонија и соседството и некако се најдовме на разговор „Зошто замреа трките по повод 7 Ноември во Гевгелија?“ И, на една средба во Негорски Бањи сакајќи да се натпреваруваме, да трчаме, свативме дека ни’ треба клуб за да организираме трки. Тоа беше 2019 година. Истата година го формиравме клубот.
Во организациониот тим на „November Run“ сме јас, Игор Коцевски, Драган Ристов, Дарко Прошевски, Тоше Петков, Тоше Анчев, Никола Ковачев и Крум Мишев. Колку енергија и ентузијазам потрошивме деновиве знаеме ние.
Во реализацијата ни’ помогнаа над 100-на волонтери, од ЗПСК „Кожуф“ од ПСК „Двете уши“, од Црвен Крст Гевгелија, ЗГ „Гевгелија точак клуб“. Секако од огромна помош ни’ беше професионалната подршка од МВР-ОВР Гевгелија, од ТППЕ Гевгелија, од ЈПКД „Комуналец“ Гевгелија.
GevgelijaNet: Ги запрашавме нашите соговорници дали го почувствувале соодветниот фидбек од заедницата, од граѓаните, од спортската публика, од институциите на сето професионално сработено, а со волонтерски ангажман од етузијастите на АК „7 Ноември“?
Ни’ одговорија уморно, дека не очекуваат почести и награди. Важни им се спортските успеси и растежот на брендот „November Run“.
Е па, еве една сатисфакција, ни повеќе ни помалку туку лично од победникот на трката од 10 км во Гевгелија.
Победникот на трката на 10 километри Seare Weldezghi од Еритреја, кој воедно постигна и нов рекорд на патеката освен впечатоците од победата уште ги носи спомените од убавиот спортски викенд поминат во Гевгелија, па на социјалните мрежи сподели фотографии од трката во Гевгелија, од тркачкиот ден, од натпреварувачите и организаторите.
Фондацијата „Ице Бегов“ која е организатор на трката „Run together“, а ги користи организационите ресурси на тимот на „November Run“ посвети оригинална песна за настанот со пригоден видео запис.
И нашиот разговор со организаторите на „November Run“ е заслужен медиумски одговор на нивната вредност, а прикриеност. Тоа е одлика на скромните кои ги знаат своите способности и достигнувања и не бараат публицитет. Но, еве, барем да дознае Гевгелија дека има вредни организатори на спортски настани кои Гевгелија полека ја испишуваат на мапата на атлетската елита и пожелна дестинација за спортско учество.
Секоја чест за сработеното.
Вам Игоре и Дарко Ви благодариме на разговорот. И Ви посакуваме да го достигнете вашиот спортски сон за елитна спортска атлетска трка „November Run“.
Автор: Ј.Д.