Славица има само три години и вози велосипед и таа денеска беше најмалиот учесник на настанот „Гевгелија на точак“ во организација на ЗГ „Чејнџмејкерсфорол“, во соработка со Гевгелија точак клуб.
На овој начин малата Славица ја продолжува семејната традиција на учество на трките со велосипеди на кои учествувал нејзиниот прадедо Димитар Дојранлиев во 50-те години од XX век. Тоа беа трки кои се одржуваа по повод денот на ослободувањето на Гевгелија, 7 Ноември и имаа спортски и празничен карактер.
Еве ја и Славица по прадедовите стапки на стартната линија на „Гевгелија на точак“ која почнува од истото место како пред 70 години, од пред зградата на тогашниот Извршен Совет на Гевгелија.
Прадедото на Славица Дојранлиева, Димитар Дојранлиев беше редовен учесник на трките со точаци во Гевгелија. Подоцна во 80-те години превозните средства на две тркала станаа негова професионална определба, најпрво стана застапник на фирмата „Томос“, за да оформи сопствен бизнис на продажба на мопеди, велосипеди, опрема за мопеди, авто делови и авто галантерија. По неговото пензионирање бизнисот го наследија неговите синови.
И денеска Славица на истите коцки низ улицата „Маршал Тито“ ја возеше рутата со својот точак како и прадедо и’ пред седум децении.
Не знаеме што понатаму ќе биде професионална определба на малата Славица, но веќе е видливо дека првиот избор за самостојно возило и’ е велосипедот.
Терај напред и храбро девојче!