Петтата по ред велосипедска рекреативна манифестација „Гевгелија на точак“ организирана во чест на 80 години од ослободувањето на Гевгелија се одржа неделава со учество на стотици велосипедисти кои се придружија на групно возење низ улиците на градот.
Овој рекреативен дел собра и старо и младо кое што умее да вози велосипед и ја поддржува акцијата за помалку возила, а повеќе велосипеди за чист воздух и чист град. Вториот дел од манифестацијата беше од натпреварувачки карактер и во неа учествуваа деца од 9 до 16 години. Тие се натпреваруваа во дисциплината „бавно возење“ на патека означена на шеталиштето „Маршал Тито“ со чунови и стрелки. Тој што најбавно ќе ја извози патеката се прогласува за победник.
Најбавно, без застанување и без допирање со нога на теренот извоза 14 годишниот Александар Груиќ од Гевгелија кој го освои ПРВОТО место, победничкиот медал и диплома од организаторите на настанот ЗГ „Chengmakers4all“. Освен ова Александар доби и награда велосипед.
Второто место во натпреварот го освои Александар Димитров, а трето време на возење имаше Петар Пајдаков, и двајцата добија медал и диплома. Четврто време на патеката оствари Филип Накоски и тој доби диплома и пригодна награда.
Настанот го следеше заинтересираната публика во Гевгелија.
Рекреативниот настан „Гевгелија на точак“ годинава бележи мал јубилеј 5 години од своето организирање. Соработник на настанот е „Гевгелија точак клуб“, а поддржувач Општина Гевгелија.
Фото: Димитар Мијов