Со свечена литургија и свечен ручек во црквата „Свети Архангел Михаил“ во гевгелиското село Моин беше одбележан празникот на заштитникот.
Жителите на Моин и гостите поклоници на празникот принесуваа празнични колачи на благословување за здравје и бериќет во домот, многу среќа и аманет за долг живот за славениците и истоименици со Свети Архангел Михаил.
Црква „Свети Архангел Михаил“ е главна селска црква во гевгелиското село Моин. Се наоѓа во јужниот дел на селото. Датира од првата половина на минатиот век, изградена е по разурнувањето на трите постојни цркви во селото за време на ПСВ во 1917 година. Мештаните изградиле нова црква, која делумно била разурната во време на Втората светска војна, а била обновена и доградена во 1963 година.
Во нејзината внатрешност, иконостасот е мал и бил изработен од гевгелискиот столар Ристо Попов, чие име се споменува на запис на самиот иконостас од 30 декември 1968 година.
Црквата го определила овој ден за празник во чест на сите ангели, а најмногу на свети Архангел Михаил кого го смета за водач на сите небесни сили.
На сите православни верници им го честитаме денешниот празник, а посебно на оние кои што овој ден го слават како домашна слава, или именден: Архангел, Ангел, Геле, Михаил, Миле, Милентие, Ангела, Михаела, Мила, Миланија…
Со мир и благослов од светецот заштитник да бидат поведени низ животот во спокојство, љубов и здравје со заслужена благодет, бериќет и среќа како за славениците и верниците, така и за поклониците на овој свечен ден.
За многу години!