Влажниот бран што ја зафати Македонија во Гевгелија донесе 24 литри дожд на 1м2 во изминатите 24 часа. Поголеми врнежи имаше изминатата ноќ и утрото со наврнати 20 l/m2 за последните 12 часа, а само 4 l/m2 во текот на вчерашниот ден.
Најмногу воден талог е измерен во Струмица 31.8 л/м².
Дел од врнежите на повисоките места преминаа во врнежи од снег. Така, висината на снежната покривка во Берово изнесува 22 см, во Маврови Анови и на Попова Шапка 10 cm, во Крушево 7 см, а во Претор 1 сантиметар.
Управата за хидрометеоролошки работи во Македонија за денес најавува повремени врнежи, кои во западните и јужните делови ќе бидат поројни и обилни (над 50 л/м2). На планините врнежите ќе бидат од снег од 40 до 50 см, на повисоките места од 10 до 30 см, а во некои пониски места од дожд и снег и ќе се формира помала снежна покривка. Во југоисточните делови ќе бидат само од дожд. Ќе дува умерен, а на планините силен северен ветер.
АМСМ извести дека од 5:45 часот поради врнежи од снег е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево, преку планинскиот превој Стража, додека од 5.00 часот исто таква забрана има и на патот Маврово – Дебар. Врнежи од снег со променлив интензитет утрово се бележат на Попова Шапка, Ресен, Крушево, Струга, Охрид, Делчево, Маврово, и на планинските превои Буково, Ѓавато, Пресека и Плетвар.
Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со наместа остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на Македонија пат. Дежурните екипи на ЈП Македонијапат се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.