Женскиот тим на СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија денеска учествуваше на Зонски турнир во ракомет помеѓу средните училишта и се избори за ПРВО место.
Натпреварите се одвиваа помеѓу екипите на СОУ „Јосиф Јосифовски” од Гевгелија, СОУ „Богданци” од Богданци и ССОУ „Димитрија Чуповски” од Велес.
Ракометарките од Гевгелија расположени за игра низ противничките гол линии пласираа 46 погодоци, а примија само 12. Трикратно повеќе реализираа голови, отколку што примија. Тоа ги направи неприкосновени носителки на тронот на Зонскиот турнир кој се одржа денеска во Велес, во спортската сала „Блаже Конески“.
Резултатите во натпреварите беа следни:
Богданци – Гевгелија – 09 : 28
Велес – Гевгелија – 03 : 18
Тимот на средношколките од Гевгелија го сочинуваа: Елена Тасевска (капитен), Бојана Басова, Благица Ступар, Симона Динева, Ружица Кирова, Павлинка Стефанова, Илина Мицева, Јована Георгиева, Анастасија Атанасова и Снежана Кирова.
Ментори на победничкиот женски ракометен тим се Трајче Стојанов и втор/заменик Влатко Семенаков, инаку професори по физичко образование и здравје при СОУ „Ј.Јосифовски“.
Оваа победа е потврда на досегашните успеси во ракометот на женскиот средношколски тим од Гевгелија. Тие во април годинава беа носителки на ПРВО место на Регионалниот турнир во ракомет помеѓу средните училишта од регионот, а во мај годинава станаа носителки на подиум – ТРЕТО место на Државен турнир во ракомет меѓу средните училишта во државата.
Денешната нова победа на ЗОНСКО ги пласира гевгелиските победнички за учество на Регионалниот турнир во ракомет помеѓу средните училишта, што го организира Федерацијата на училишни спортови во Македонија, веќе следната година.
Им посакуваме нова победа на средношколките-ракометарки од Гевгелија и нов трофеј во училишните витрини.