Денеска е светскиот ден на турското кафе, кое е еден од незаменливите елементи на културното наследство на традиционалната турска кујна.
Културата и традицијата на правење и консумирање турско кафе беа вклучени во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото во 2013 година, а 5 декември беше прогласен за „Светски ден на турското кафе“.
Турското кафе се прави од висококвалитетни зрна кафе со потекло од Бразил и Централна Америка, во повеќето случаи се пече полека, а потоа се меле многу многу фино.
Се верува дека овој вид на пијалак е меѓу најконсумираните видови кафе во светот, заедно со еспресото.
Пијалакот се служи во мали чаши заедно со чаша вода. Самата традиција е симбол на гостопримството, пријателството и забавата што се провлекува во сите сфери на животот. Турското кафе игра важна улога и во различни пригоди како веридби и секакви празници. Талогот оставен во празната шолја често се користи за да се предвиди судбината на една личност.
Се верува дека турското кафе било внесено во Истанбул од Јемен во 1543 година од Оздемир Паша, кој бил валија на Јемен.
За многу кратко време, благодарение на трговците, патниците и дипломатите кои го посетија Истанбул, турското кафе прво се прошири во Европа, а потоа и во целиот свет.
Според податоците на Универзитетот Ајдан во Истанбул, во последните години има значително зголемување на потрошувачката на турско кафе во Турција. Додека во 2011 година просечната годишна потрошувачка на кафе по лице во земјата била 350 грама, во 2021 година потрошувачката тројно се зголеми на 1,1 килограм по лице.