Од најави за фамозен настан кој ќе биде како караван низ цела Македонија до скромно студиско извлекување. Откако Боки 13 го извиси, инфлуенсерот Стефан Лазаров ги откажа наредните планирани настани. Нема да има веќе гламур, ниту наградни игри со гала вечери.
УЈП ЈА ПРЕКИНА НАГРАДНАТА ИГРА ВО КОЈА ОСУДЕНИКОТ ПУШТЕН ДА СЕ ЛЕКУВА БОКИ 13 И ЈУТЈУБЕРОТ ЛАЗАРОВ ДЕЛЕА НАГРАДИ
Лазаров и Боки 13 рекламираа спектакуларен Новогодишен дочек на 2025 во „Де Факто“ Гевгелија, со богатен Новогодишен награден фонд: Автомобил, стан, скутер, мобилен телефон… Наместо спектакл и гламурозни награди УЈП најави дека инспектори ќе ги проверат сите места вклучени во наградната игра.
За настанов веќе беа пуштени влезници на продажба и се движеа од 2.500 до 3.500 денари.
(Дополнување): Вечерва по објавата на веста на GevgelijaNet од фејсбук групата на „Де Факто“ беше избишана поканата за Спектакуларен дочек на Новата 2025 година и понудата на влезници.
Вака изгледаше плакатот.
За организирање наградна игра потребна е дозвола од Министерството за финансии врз основа на Законот за игри на среќа и забавни игри. Поради немањето соодветна дозвола УЈП тргнува во контрола.
Во јуни 2020 година, Боки 13 беше осуден на 9 години затвор во предметот „Рекет“ за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари.
Неделава, Боки 13 доби продолжување на прекин на издржување на затворската казна. Одлуката судот ја донел врз основа на медицинска документација од болницата „Св. Наум Охридски“.
Минатата недела, пак, Боки 13 во еден скопски ресторан промовираше преработка на песната „Само една песна таговна“, за која сними и спот.
Синоќа во Штип Боки 13 ја водеше 4 часовната наградна програма, каде упадна УЈП во контрола.