Елитната станбена зона „Караорман“ со новоизградени естетски проектирани куќи, згради, хациенди од недоамна доби новоасфалтирана улица „Павел Шатев“. Улицата „Павел Шатев“ се наоѓа во станбената зона Караорман во Гевгелија и минатата недела Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, извршија увид на изградената улица.
Должината на улицата изнесува 350 метри и на истата беа изведени градежни активности за тампонирање и асфалтирање. Целиот проект чини 4.000.000 денари. Инвеститор е Министерство за транспорт на Република Северна Македонија. Корисник на проектот е Општина Гевгелија, жителите на улицата и сите посетители на областа Караорман.
Неделата пред да се изведе посетата на Министерот за локална самоуправа во Гевгелија, Советот на општината одржа седница на која отпиша свои побарувања од 1.078 фирми за неплатени давачки на име комунална такса за истакнување фирма, популарно наречена фирмарина. Отпишаниот долг кон општината на 1.078 правни субјекти со регистрационо седиште во општина Гевгелија изнесува 46,9 милиони денари.
Општина Гевгелија отпиша долг од 46,9 милиони денари на локални фирми
Да се заложеа локалните власти низ годиниве наназад, од 2006 со состојба до 31.11.2024 година кога трае периодот на отписниот долг, да ги наплатат по редовен или извршен пат овие свои побарувања од даночните должници – фирмите од општина Гевгелија, за овие години Гевгелија и гевгеличани ќе требаше да бидат побогати со нови урбани и инфраструктурни содржини.
Што се’ можеше да се изгради со отпишаната сума од 46.941.666 на фирмите должнички кон локалната самоуправа?
Ако една улица од 350 метри како ул.„Павел Шатев“ на Караорман чини 4.000.000 денари тогаш ќе можеа да се изградат барем уште 12 такви улици.
Граѓаните реагираат на социјалните мрежи дека чекаат асфалт на улица „Ѓорги Сугарев“, дека плацевите кај областа кај „Касарна“ се без пристап кон улица, не се отворени, а не пак асфалтирани, дека општината започнала изведебени работи на улицата „Кожуф“ после 26 години чекање, ама работите застанале, „никако да се довршат“….
Во годината на отпис на побарувањата за фирмарина на 1.078 фирми кои и’ должат на општината, самато општина веќе трета година по ред е кредитно задолжена за изградба на последната фаза од Западниот булевар, некогаш наречен заобиколница на Гевгелија, а по проектните документи стана улица „Св. Климент Охридски“. Кредитното задолжување на Општината за овој градежен зафат изнесува 39 милиони денари, а со каматата цели 53 милиони денари.
Да се потрудеа локалните власти да си го наплатат од фирмите тоа што им припаѓа ќе можеа да градат булевар без да ја задолжуваат Општината 53 милиони денари кои треба да се враќаат од парите на граѓаните на Гевгелија и новите даночни обврзници.
Вака изгледаше Ул. „Св.Климент Охридски“ нас. Караорман Гевгелија неделата кога се отпиша долгот од 46,9 милиони денари
Каква среќа за несовесните даночни должници од Гевгелија да им биде избришана обврската за неплатена фирмарина кон општина Гевгелија! Ниту извршно решение добија, ниту на одговорност ги повикаа. Одобрувањето за отпис го дадоа 10 гласа „за“ од мнозинството во Советот на општина Гевгелија.
Каква судбина за жителите на Гевгелија 25 години да слушаат ветувања од локалните власти за изградбата на Западниот булевар, како најново сообраќајно олеснување за градот, низ годините да се приходуваат солидни средства од фирмарина во локалниот буџет, а да се остават ненаплатени, згора па и отпишани.
Цацко од К-15 на ова би ја заклучил дискусијата со зборовите:
– „Тоа ти е македонче. Е па, сега паси трева!“