Петко Петков Шеки замина од вечноста, но остави вечен придонес во спортската историја на Гевгелија и Македонија.
Почина денеска, 19 декември во 78 година од животот.
Петко Петков (Ташев), легендата на гевгелискиот и воедно македонскиот фудбал, роден е во Гевгелија, во 1946 година, а своите први фудбалски чекори ги започнал на 16 години во ФК „Кожуф“.
Во својата 17 годишна кариера освен за својот гевгелиски клуб „Кожуф“, настапувал и за ФК „Победа“ од Прилеп, како и за ФК „Борец“ од Велес.
Во неговата кариера, се’ му е подредено на бројот 500 – има постигнато над 500 голови, има реализирано над 500 асистенции и одиграл над 500 званични фудбалски натпревари.
Беше познат по техниката шут со макази со кој ги изненадуваше противничките голмани откако ќе им ја пласира фудбалската топка во мрежата.
За својот особен придонес во фудбалот и спортот воопшто на преминот од 20 во 21 век на непосреден јавен избор беше прогласен за Спортист на 20-от век за Гевгелија. Општина Гевгелија го награди посебно со највисокото свое признание „7-мо Ноемвриска награда“ по повод општинскиот празник, за неговиот извонреден придонес во спортот .
Петков, фудбалската кариера ја заврши во 1979 година, на своја 33 годишна возраст, по што активно беше вклучен и во спортскиот живот во Гевгелија..
Беше вработен во ТП „Солун“ Гевгелија, првото претпријатие во Македонија кое успеа да се приватизира, но не ја издржа внатрешната акционерска борба. Шеки го снајде судбината, како и многу други од ова претпријатие, да остане без работа 10 години пред да стекне услови за пензионирање.
За неговото значење во фудбалот и спортот за Гевгелија зборува и посветата со која на социјалните мрежи се простија членовите од управата на неговиот матичен клуб ФК „Кожуф“ од Гевгелија:
„ПОЧИНА ПЕТКО ПЕТКОВ-ШЕКИ, НАЈДОБРИОТ ФУДБАЛЕР НА ФК „КОЖУФ“ И СПОРТИСТОТ НА 20-OT ВЕК ОД ГЕВГЕЛИЈА. Засекогаш ќе останеш дел од црвено-белата фамилија“.
Великаните заминуваат со милоста божја, со симболиката на денешниот ден Св.Никола, заштитникот на сиромашните.
Роднините и бројното граѓанство ќе можат да упатат последен поздрав до Петко Петков, утре во градската капела каде ќе биде изложен неговиот одар од 13 часот. Погребот е закажан утре, 20 декември на градските гробишта во Гевгелија.
Почивај во мир легендо!