Меѓународен фестивал на староградски песни „Свети Никола“ во Штип посветен на патронот на градот синоќа пречека бројни фолклористи од Македонија и Бугарија со кои беше одбележан денот на заштитникот.
Меѓу учесниците беше и гевгелискиот ансамбл „Распеани Гевгеличани“, докажаните културни следбеници и негувачи на македонскиот мелос, особено староградските песни од нашиот гевгелиски крај.
На сцената „Распеаните гевгеличани“ настапија со песните „Ај, што ќе праиме мори девојко“ и „Ах, мори Злато“. Ви презентираме моменти од сценскиот настап (аматерска снимка).
Фестивалот имаше ревијален карактер, на истиот гостуваа пејачки групи од Пехчево, „Октет“ Прилеп, ЗГ „Градски хор“ Штип кои воедно беа организатори на настанот, пејачка група од Ќустендил, Бугарија, пејачка и играорна група од Крива Паланка, Драган и Лина, братчето и сестричката кои што пеат народни песни и нашите од југот „Распеаните гевгеличани“.
И покрај дожливото и студено време, учесниците беа дочекани со преполна сала и расположена публика која не ги штедеше аплаузите. Тоа само ја покажува моќта на песната да зближува и величината на празникот да ги весели сите.
Сите учесници на меѓународниот празничен музичко-сценски настан добија Благодарници од организаторот и статуетка „Виолински клуч“ за учество на фестивалот „Св.Никола“ во Штип.
Гевгелиската песна и овој пат наградена и со аплаузи и со статуетка „Виолински клуч“.