Атанас Картов, актуелниот претседател на најстарата еснафска асоцијација во Гевгелија, Здружението на занаетчии на Гевгелија, кое датира од минатиот век и брои над 350 членови, почина доцна синоќа во 58-та година од животот. Роден е на 26 декември 1966 година, а за три дена требаше да го слави 59-от роденден.
Беше познат еснаф во Гевгелија, занаетчија со златни раце, електричар, специјалист за авто електрика. Потекнува од учителска и еснафска фамилија од двете лози на своето семејство. Вредните раце и љубопитноста го насочија во продлабочување на неговиот професионален интерес, електрониката.
Неговата максима беше дека „Светот може да напредува, технолошки, да се менува, но мајсторите се тие што ќе го управуваат“. Немаше проблем кој не можеше да го реши, па и да беше изум на новото време. Знаеше да каже: – „Нели има струјно коло, нели има шема, нели мора да протечат атомите за да се вклучи електриката, е тука доаѓа до израз проникливоста на мајсоторт!“.
Атанас Картов од минатата година застана на чело на Занаетчиската фела во Гевгелија избран од мнозинството негови колеги еснафи. Две години управуваше со најстарата занаетчиска асоцијација во Гевгелија застапувајќи ги правата на членовите – за својот занаетчиски членски влог да добијат максимална услуга од здружението, информативна, правна, стручна, финансиска.
Како претседател на ЗЗ имаше сви зацртани проекти за доброто на занаетчиите, но здравјето го спречи да ги дотурка сите до реализација. Не го заврши мандатот на Претседател на Здружението на занаетчии со отчетен говор, не го заврши работниот стаж со пензионирање, сега ќе им раскажува на ангелите на небото колку вредни еснафи има Гевгелија и колку тој се залагаше за фелата на која и припаѓа.
Беше сакан сопруг, посветен татко, човек од збор. Сите муштерии во неговата работилница ги завршуваше и со услуга, и со добар збор. Работата некогаш знаеше да ја заврши и за 2-3 минутки, ама муабетот со кафенце и мезе можеше да трае мераклиски долго. Оти, проблемот е решлив, тука жичка, тука спојка, ама човечноста и домаќинскиот муабет со совети и споделени искуства беше богатството што го нудеше мајстор Атанас.
Мирно ти небо мајсторе!
Сега одмори во милоста Божја и поправи таму по некоја рајска кочија да не грми долу на Земјата, за да знаеме дека се’ е под конец подмачкако и функционално и во рајот, како што беше во твојата мајсторска работилница!
Ужаленото семејство со длабока тага известува дека одарот на Атанас, Насо ќе биде изложен утре 24 декември во Градската Капела од 11 часот, а погребот ќе се одржи утре во 12 часот.
Вечен спомен за тебе Aтанасе Насо Картов!