Минатата недела во Гевгелија свечено беше поставен камен-темелникот на МЕГА шопинг парк – првиот модерен трговски центар на најпрометната туристичка рута од Скопје до Солун. Објектот ќе се простира на површина од 5 хектари, а ќе располага со повеќе од 20.000 м² нето корисна површина во која ќе бидат сместени повеќе од 50 дејности поделени во неколку зони.
Претставниците на ексклузивниот партнер за закуп „Брик енд мортар“ велат дека веќе 90% од закупците го имаат потврдено своето учество, со што е обезбедена комбинација на модерни содржини и уникатно искуство за посетителите: интернационални модни брендови, зона за забава за деца од сите возрасти со куглана која ќе биде прва во овој регион, arcade зона, игротека, ресторани и кафетерии, голем супермаркет, 24/7 зона, дел за техничка опрема и апарати и DIY сегмент, како и медицински центар со повеќе содржини.
Повеќе од 2000 м² се резервирани за детски забавен концепт, со најголемата детска затворена гејминг зона и аркад центар во регионот, во кој ќе биде вклучена и првата куглана во овој регион. Идните планови за МЕГА шопинг парк се насочени кон дополнување на содржините со хотел, со цел сите точки на интерес да бидат опфатени и соодветно исполнети.
- „Со овие содржини сакаме да ги привлечеме туристите кои немаат слична прилика за шопинг и забава на патот од Скопје до Солун, и по отворањето на МЕГА шопинг парк, коешто е планирано за ова лето, да придонесеме Гевгелија да стане регионален центар за забава и квалитетно поминато време со семејството“, истакна Васко Давидовски, претставник на МЕГА шопинг парк.
Тој додаде дека ова ќе биде и технолошки напреден парк, со фото-напонска централа со инсталирана моќност од преку 4 MW, со што ќе биде и енергетски ефикасен објект, а покрај тоа ќе има и еко урбана опрема со полначи за мали апарати, како и повеќе од 20 полначи за електрични возила.
При поставувањето на камен-темелникот на МЕГА шопинг парк, домашниот инвеститор „А-плус“ заедно со стратешкиот партнер „Новастон“ постави временска капсула со позитивни пораки, симболизирајќи ја визијата за иднината и долгорочната посветеност кон економскиот и културниот развој на регионот.
– „Како водечки консултант за развој на трговски паркови и шопинг центри во регионот, Новастон беше одговорен за концептуалниот дизајн, техничката анализа и бизнис планот за овој проект. Сега ни претстои нова фаза – надзор на натамошниот напредок на проектот, како и неговото стратешко и маркетинг позиционирање, како за Гевгелија, така и за поширокиот пазар.
- „Македонија беше многу интересен пазар за нас од самиот почеток. Поради стабилноста, отвореноста за инвестиции и зголемената побарувачка за модерни комерцијални простори, ја гледаме како идеална за стратешки проекти кои нудат долгорочни придобивки. Малопродажните паркови не се само комерцијални простори, тие се клучни точки за поврзување на заедницата и зајакнување на локалната економија. Веруваме дека МЕГА шопинг парк ќе стане центар кој не само што ги задоволува потребите на пазарот, туку и го поттикнува понатамошниот развој на бизнисот и заедницата“, изјави Жарко Зечевиќ, виш потпретседател на платформата „Новастон“, стратешкиот партнер на овој проект.
Во оваа прилика до присутните се обрати и градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
– „Исклучително ми е чест што денес во општина Гевгелија започнуваме со изградба на една огромна и значајна инвестиција за нашиот град. Овој МЕГА шопинг центар ќе има голем инпут за економијата во нашиот град, а ќе бидат отворени над 300 нови работни места за нашите сограѓани. Изминатиот период како локална самоуправа работевме посветено на тоа да овозможиме подобри услови за нови инвестициски вложувања, и сметам дека таквата зацртана цел ја остваривме,“ истакна градоначалникот Сарамандов.
МЕГА шопинг парк е стратешки лоциран на само 200 метри од приклучокот на автопатот Е-75, најважната сообраќајна артерија што ја поврзува Македонија со Србија и Грција, а дополнителна предност е што локацијата е јасно видлива од самиот автопат. Паркот ќе овозможи над 500 паркинг места, како и авто перална, што ќе додаде практична вредност за посетителите.
Со отворањето планирано за лето 2025 година, се очекува МЕГА шопинг парк да привлече туристи и локални жители, со што ќе ја позиционира Гевгелија како важен регионален центар.
Сите детали за проектот ќе бидат достапни на официјалната веб страница на шопинг паркот и кај ексклузивниот партнер за закуп „Брик енд мортар“.