Уште четири денови до Нова Година, а санките на Дедо Мраз денеска пристигнаа во Гевгелија на радост на многуте деца кои го дочекаа на градското шеталиште во центарот на Гевгелија.
Тајмингот на пристигнување беше дневен, точно на пладне, кого белобрадиот дебелко пристигна со намера да ги посети дечињата од Гевгелија, да ги израдува со бонбончиња и добри желби за Новата Година. Децата го дочекаа распеано и разиграно.
Еве, да се уверите, дел од настапот на девојчињата од танцовото студио “Mystic Dance” од Гевгелија
Многу деца, многу таленти, многу танцови точки. Ако не бевте таму сте го пропуштиле најшареното, најпразничното, најразиграното детско шоу за годинава. Сте пропуштиле да добиете бонбонче за среќа од црвениот дебелко што го посети градот.
За посетителите беа на располагање и отворените штандови со рачни изработки за Новата Година, подготвени од вработените во јавните институции во општина Гевгелија.
Дедо Мраз освен торба со подароци и бонбончиња имаше и празнична честитка до дечињата за Нова година. Тој им посака на децата во Гевгелија – „Да бидат умни, радосни и среќни во Новата 2025 година!“
Децата посакаа: „Ниту војни, ниту глад да не го реметат детскиот мир, само љубов и среќа за сите деца додека растат!!!“
Ваквите желби за мир, љубов, радост и среќа искажани од малите детски срца да се вкоренат во срцата и на возрасните, и на големите луѓе кои ги носат одлуките кои го реметат светот, додека тие мислат дека го управуваат, за да завладее хармонија и среќа во човештвото!
Се ближат празниците. Подгответе го и Вашето срце за убавини и добрини!