Празниците значат зближување, семејни радости. Сета радост во нив не е во изобилството храна, туку и во помислата на другите, да ги нагостиш гостите, пријателите, да помислиш на тие кои немаат, да помогнеш некому да му се наполни измореното срце од очекувања со подадена рака помош.
Во таа насока, со Божја промисла и со благослов на Митрополитот Повардарски, господин Агатангел гевгелиската црква „Свети Кирил и Методиј“ и Манастирот „Свети Спас“ и годинава организираат Божиќна хуманитарна акција „Подари радост за рождество“ во пресрет на Божиќните празници.
Целта е да се подготват хуматитарни пакети со храна и средства за хигиена на што повеќе наши сограѓани кои спаѓаат во семејства со социјален ризик и истите да им се доделат во пресрет на Божиќ.
Но, црквата секогаш своите добри дела ги спроведува со народот, па затоа ги поканува граѓаните на општина Гевгелија, фирмите, правните лица, поединци и добронамерници да се приклучат на акцијата.
– „Секој да дава како што одлучил во срцето, а не со жал или принуда, зашто Бог го љуби оној што од срце дава” (2 Кор. 9.7)
Освен тоа се собираат и парични донации во кутиите наменети за тоа поставени во Црквите организатори на хуманитарната акција, како и во големите маркети во Гевгелија. Сите средства ќе бидат употребени за помош на нашите сожители на кои граѓанската хуманитарна утеха ќе им ги исполни празниците со внимание, посета со насмевка и верба за човечка добрина дека не се заборавени.
И Вие можете да се приклучите на акцијата секој ден оставајќи прехранбени продукти или средства за хигиена во просториите на двете цркви во Гевгелија.
– „На сите што ќе помогнат, Господ Бог да им го умножи доброто во нивните животи. Подготвените пакет – производи ќе се поделат на Бадник, на семејства од социјален ризик, во нашата Гевгелија. Земете учество за да израдуваме повеќе семејства за Божик!“ – порачуваат од Гевгелиското Архиерејско намесништво.
Акцијата се спроведува во соработка со Центарот за социјални грижи од Гевгелија кои доставуваат список на семејства во социјален ризик, со тоа пакетите хуманитарна помош ќе бидат испорачани на тие на кои навистина им треба помош.
Празници се ближат. Да ја споделиме и шириме добрината меѓу нас, меѓу луѓето, со донација, со дело!