Кривична пријава против 12 лица македонски државјани и 1 странец, за 45 кривични дела поврзани со криумчарење луксузни возила како и фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба, поднесе денеска МВР до Обвинителството.
Акцијата за сузбивање на криминалната група почна на 29.12.2024 врз основа на воспоставена криминалистичка контрола од страна на СВР Скопје- ЕВР Ѓорче Петров, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, Единицата за брзо распоредување, Единицата за интервентна полиција, СВР Битола, ОВР Гевгелија и ОВР Неготино, а по издадени наредби од страна на судија за претходна постапка и јавен обвинител заради докажување на кривични дела поврзани со криминал со луксузни моторни возила, извршени се 10 претреси кај 10 лица, од кои седум се во Скопје, еден во Дојран, еден во Неготино и еден во Битола, при што се лишени од слобода шест лица: К.С., Н.П., М.С. и Д.И. од Скопје, В.Ц. од Стар Дојран и Н.Г. од Битола. За И.А., Д.М. и Ф.С. од Скопје и А.Т. од Неготино се преземаат мерки и активности за пронаоѓање.
При претресите се пронајдени и одземени четири возила, разновидна службена документација, околу 32.500 евра и разни документи, купопродажни договори, пет германски регистарски таблички, околу 25 грама кокаин, лап топ компјутери, повеќе мемориски уреди, други предмети поврзани со кривичните дела.
МВР според претходно одземени 5 ПМВ и сообрани материјални докази ќе поднесе кривична пријава до ОЈО Против 13 лица, од кои двајца се поранешни вработени во МВР, а еден е се уште вработен во МВР, каде во текот на ноќта и утрото лицата се изведени пред судија на претходна постапка.