Јапонка за која се верува дека беше најстарата личност на светот почина на 116-годишна возраст, објави во саботата јапонската јавна телевизија NHK.
Томико Итока почина од старост во дом за стари лица на 29-ти декември, објави NHK, цитирајќи го градскиот совет Ашија во јужниот дел на префектурата Хјого.
Томико Итока е родена на 23-ти мај 1908 година во Осака, како најстара од нејзините три браќа и сестри, а се преселила во Ашија пред околу 30 години, според NHK.
Итока е наведена во Гинисовата книга на рекорди како најстара жива личност.
Таа беше верификувана како најстар човек на планетата во септември 2024 година и го доби официјалниот сертификат на Денот на почит на возрасните, јапонски празник во чест на постарите граѓани.
Во младоста, таа играла одбојка и двапати се искачила на планината Онтаке висока над 3.000 метри. Во подоцнежните години, таа уживаше да јаде банани и да пие Калпис, млечен напиток популарен во Јапнија, според соопштението на градоначалникот.
Таа се омажи на 20 години и има две ќерки и два сина, според Гинис. За време на Втората светска војна работела во текстилната фабрика на нејзиниот сопруг, кој почина во 1979 година и оттогаш таа живееше сама.
„Во нејзиниот долг живот таа ни даде многу храброст и надеж. Ѝ благодариме уште еднаш и изразуваме искрено сочувство до нејзиното семејство и најблиските“, рече градоначалникот на Ашија, Риосуке Такашима, пренесе телевизијата.
Јапонското население брзо старее. Заклучно со септември минатата година, Јапонија има рекорден број од повеќе од 95.100 луѓе на возраст од 100 или повеќе години. Бројот на стогодишници се зголемува 54-та година по ред.
Бразилската калуѓерка Ина Лукас, која е родена 16 дена по Итока, се верува дека сега е најстар човек на планетата.