Манифестацијата “ЃУРА МАРА” на трет ден Велигден во Миравци е традиција стара векипол, создадена и негувана од жителите на с.Миравци, гевгелиско, наше културно богатство, истата привлече најбројна публика на страниците на порталот GevgelijaNet за 2024 година.
Со 114.931 прегледи тоа е најгледано видео за 2024 на страниците на GevgelijaNet, а со 139 споделувања тоа беше најраширената вистинска приказна која што македонскиот народен фолклор ја направил бесмртна со т.н. оро „Ѓура Мара“.
Настанот се случил во 19 век, а веќе во два века, во 20-от и 21-от е присутна на репертоарот на КУД „Танец“ од Миравци.
Убавата мома Мара од Миравци е спасена по грабнувањето од турски великодостојник. Ја спаси брат и’ Ѓуро со другарите кои се впуштија во борба со грабнувачите. Во реалноста Ѓуро добива смртни рани во борбата и поѓинува.
Во негова чест и спомен селаните низ игра прикажуваат како Мара игра оро со момите на сред село на трет ден Велигден, како дошле турски војници и нивниот надреден сакајќи да се фатат на орото, како селските жени го бранат женското оро од машките, како турците ја грабнуват убавата мома Мара, а брат и’ Ѓуро ја спасува.
Во орото посветено на оваа вистинска случка пред еден и пол век во Миравци, наречено “Ѓура Мара” фолклорниот креатор го направил крајот среќен – братот Ѓуро поведува победоносно оро со својата сестра Мара и сите селани. Така беше и манифестацијата во на трет ден Велигден 2024 година, кога и старо, и младо се фати да игра на победоносното оро.
Видео: Завршно оро од манифестацијата “Ѓура Мара” во Миравци, (почетната гужва е како грабнатата Мара ја спасува Ѓуро)
Радоста е голема, вековната традиција сочувана, а орото го изведува еден од најстарите КУД во државата КУД “Танец” од Миравци кој постои 93 години и е организатор и домаќин на оваа вековна манифестација.
На сцената пред бројната публика во улога на момата Мара настапи убавата миравчанка Благица Минчева, брат и Ѓуро на сцената и на орото го играше Крсте Цуклевски, а турските аскери со великодостојникот кои сакаа да ја грабнат Мара ги одиграа Давид Боев, Славчо Иванов- Цацко и Љубе Аризанов – шнајдерот, сите жители на Миравци и следбеници на традицијата.
Честитки за убавата манифестација, 1,5 вековна традиција на Миравци, уникатно фолклорно богатство од југот на Македонија, од Миравци, гевгелиско!