Мирните води на реката Вардар кај Гевгелија во недела, 19 јануари, ќе бидат осветени по целото нивно течение.
Два дена пред настанот екипата на GevgelijNet затече храбри момчиња на лице место, како пливаат во реката подготвувајќи се тие да бидат носители на Чесниот Крст на ден Водици и да бидат благословени со здравје и бериќет.
Водата на овој јануарски ден е едвам 2°C, надвор температурата денеска достигна 10°C, а во недела се очекува да се искачи до 12°C.
Гевгелиското Архиерејско намесништво за овој ден организира голем Богојавленски водосвет и пливање по Чесниот крст од страна на доброволци, здрави и спремни момчиња од Гевгелија и околните населени места.
Повелете во Гевгелија за Водици, на стариот мост на р.Вардар, до некогаш популарниот мотел „Вардар“ на водосвет кој ќе започне со Свечена Литургија закажана со почеток во 12 ч.
Овој настан во Гевгелија одсекогаш привлекувал големо внимание со многуилјадна публика која ја следи процесијата и храброста на гевгелиските момчиња.
Доброволните пливачи по Светиот крст може да се пријават најдоцна до утре, сабота во градските цркви во Гевгелија
Нека е за арно, за убаво!