- „Со голема радост објавувам дека Гевгелија е Град на културата за 2025 година! “ – вака министерот за култура Зоран Љутков денеска ја започна прес конференцијата при денешната посета на Гевгелија.
– „Ова признание не е само чест, туку и обврска. Тоа е потврда дека Гевгелија, со својата богатa културна традиција, повторно ќе биде во центарот на културните настани во Македонија – додаде министерот Љутков потсетувајќи дека Гевгелија по втор пат ја добива титулата „Град на културата“ како што беше и во 2011 година.
Со програмата „Град на културата“ во Гевгелија се планирани да се одржат 142 настани во текот на 2025, кои ќе бидат поддржани од Министерствто за култура со 3.000.000 денари, а отворена е можноста да се реализираат и дополнително нови проекти, на уметнички творци кои ќе сакат да се приклучат на програмата „Гевгелија-Град на културата 2025“. Општина Гевгелија за овој проект за годинава одвои буџетски средства од 13 милиони денари за поддршка на културните настани од проектот „Град на културата“.

Вториот повод за денешната посета на министерот во Гевгелија е инвестисискиот ангажман на Владата за реставрација на Старата градска чаршија. Тој истакна дека Владата инвестицираше 40.675.095 денари за комплетна реставрација на Старата чаршија, со што Гевгелија ќе добие нова визуелна и функционална димензија.

- „Овие проекти ќе ја подобрат инфраструктурата и ќе создадат простор за културни настани и уметнички проекти, со што ќе се негува традицијата и ќе се поттикнат нови културни трендови.
Гевгелија, со својата локација и природни убавини, привлекува бројни туристи. Сега, со статусот на Град на културата, ќе понуди нови искуства и можности за уживање. Со манифестацијата Град на културата, имаме уникатна можност да ги инспирираме младите, да ги охрабриме уметниците и да го промовираме нашето културно наследство“ – истакна Љутков.
Министерот најави дека со овој статус на Гевгелија како „Град на културата“ очекува нови уметнички проекти, нови културни настани и нови иницијативи кои ќе ја заживеат Гевгелија и ќе ја позиционираат на мапата на културни дестинации во регионот и пошироко.