Годишнините, патроните, одбележувањата се повод за салдирање на постигнатото, за одбележување на успесите, оддавање признание на најуспешните.
Така библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија која е стожер на читателската култура кај гевгеличани, по повод одбележувањето на 153 годишнината од раѓањето на својот патрон, Гоце Делчев, оддаде признание на најверните свои читатели за минатата година.
Прва и убедлива носителка на најверен читател на библиотечниот фонд е Ангелина Дојранлиева, која минатата 2024 година прочитала 88 книжеви наслови кои ги позајмила како редовен член на библиотеката во Гевгелија.
Ангелина е млада вработена жена, сопруга и мајка на три деца. Како од сите обврски, професијата, домаќинството и мајчинството наоѓа време за својата љубов кон книгата? Прашање кое би си го поставил секој кој не троши толку време на читањето книги. Истото ја запрашавме и ние од GevgelijaNet.
– „Отсекогаш сум читала, и како ученичка, и како млада личност. Но интересно, љубовта кон читањето ја интензивирав додека бев бремена и откако се породив. Престојот дома, со диригираните обврски за приновата ми оставаше избор времето за одмор наместо во кревет да го поминувам со книгата. Тоа ми даваше спокој и нова енергија за се’ следно што ме чека со обврските со бебето и дома“ – вели Ангелина за GevgeijaNet.
Ја прашавме што е нејзиниот избор за читање, кои и’ се омилените автори. Како од пушка ги изрецитира:
– „Читам претежно балетристика, трилери, особено психо трилери. Овде би ги издвоила авторите Лусинда Рајли, Крис Картер и Себастијан Фицек, особено Фицек“ – нагласува Ангелина.
Таа својата навика ја продолжува и во 2025 година Во моментот го чита историскиот роман „Последната кралица“ од Гортнер, посветен на шпанската кралица Хуана.
Честа да го понесе признанието за најверен читател/ка на Библиотеката „Гоце Делчев“ од Гевгелија и погодува. Вели дека во 2023 година таа го освоила третото место по број на прочитани наслови.
– „Продолжив да читам како дел од мојот ритуал со почетокот на секој нов ден. Не се борев за титула најверен читател за 2024 година, но ми е драго тоа. Едноставно уживав во читањето, особено наутро со првото кафе и навечер кога знам да се задлабочам и да не приметам колку часови од ноќта сум посветила на книгата“ – признава Ангелина.
На пригодната свеченост на доделувањето признание на најверните читатели на Библиотеката беа прогласени и второ и трето место по број на прочитани наслови од членовите на гевгелиската библиотека.
Тое се: Ирина Тошева (второ место) со прочитани 87 наслови и Андријана Вацев (трето место) со прочитани 77 наслови.

Признанијата ги додели директорот на ЈОУ библиотека „Гоце Делчев“, Стефан Марковски.
Честитки за верните читателки!