Денеска Свети Трифун го слават лозарите, еснафите и гостилниците. Тој се смета за заштитник на растенијата, а се верува дека на овој ден природата почнува да се буди од зимскиот сон, носејќи љубов и хармонија меѓу луѓето.
Верувањето е дека Свети Трифун ја благословува работата на лозарите, ги штити лозјата од болести и ги води кон бериќетна година.
Вековната македонска традиција на закројување на лозјето денеска ја почитуваа многу лозари во гевгелиско, а свечена церемонија на закројување на лозјето беше извршено и кај манастирот „Свети Спас“ во Гевгелија. Овде, во утринските часови, пред чинот на закројување, беше одржана традиционална литургија „Празничен Водосвет“ во манастирот „Свети Спас“.
Луѓето со светата вода, за која се смета дека е ослободена од демоните и има лековита моќ ги прскале лозјата. Потоа лозарите закројувале неколку лози кои ги полевале со вино, а потоа ги благословувале со зборовите: „Господе, ти давам едно шише со вино за илјада да ни’ подариш“.
Традицијата опстојува со векови.
Инаку, Според легендата, свети Трифун потекнувал од сиромашно семејство во селото Кампсади во Фригија, каде што израснал во длабока побожност. Како дете, времето го поминувал пасејќи гуски, а Бог му дал дар на чуда и исцелување, со кои во текот на својот живот им помагал на многу болни и на мачени од демони.
Неговата најголема слава дошла кога ја излекувал ќерката на римскиот император Гордиј, Гордијана од психички проблеми, за што царот великодушно го наградил. Иако се стекнал со богатство, Трифун сето тоа го делел со сиромашните и продолжил со својот едноставен живот, пасејќи гуски.
За многу години, за многу плодни и бериќетни денови, нека е на помош Свети Трифун.