Жителите на Богородица ја имаат ретката привилегија да имаат свој личен снабдувач со познатото преспанско јаболко од самостоен производител .
Тоа е Тони Ѓоргоски, млад јаболкопроизводител од Ресен кој самостојно одгледува 2,5 хектари јаболкови насади. Тоа е единствената култура која ја одгледува и од неа егзистира неговото семејство.
На прашањето дали се живее добро од продажбата на јаболка вели дека „Добро е ако има добра откупна цена“. Тој одбрал самостојно да ги нуди своите јаболка во близина на црквата во Богородица. Доаѓа со полни кошари јаболка со своето комбе, заминува празен, а сочното овошје останува за здравје кај неговите купувачи.

Тони не доаѓа на пазарен ден во Гевгелија, ниту во Богданци, туку само викендот во село Богородица. Овде продава на отворено, а ако остане некоја кутија со јаболка не продадена знае да ги остави кај својата сестра мажена во Богданци.
Купивме сочни, црвени јаболка, по 50 денари за килограм. Од моментот кога се скинати од дрвото до сега сјаат сочни и свежи како денеска да се набрани.
Инаку на јаболковите насади во тек е кроењето на дрвјата. Годинава во јануари јаболкопроизводителите ја договараа политиката на субвенционирање со Министерството за земјоделство и договорија:
Мерката -Директни плаќања по обработлива површина за оддржување на постоечки овошни насади (12.000 ден/ха) и мерката – дополнителни директни плаќања за остварено производство на овошје (30.000 ден/ха) се спојуваат во една мерка и истата ќе изнесува 42.000 ден/ха
Мерката -Дополнителни директни плаќања за јаболка предадени кај регистрирани откупувачи или регистрирани преработувачки капацитети запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи, ОСТАНУВА
Ќе се субвенционираат јаболка предадени во периодот од 15.08.2024 до 31.01.2025.
Висината на поддршката ќе изнесува 2 денари по килограм.
Е за 2 денари Тони не ги дава за преработка своите сочни јаболка-убавици на денешното првомартовско сонце, туку ги носи за сласт на богорочани.
