По кратко и тешко боледување денес почина Саша Поповиќ, основач и креативен директор на „Гранд продукција“, еден од највлијателните луѓе во српскиот шоу-бизнис. Роден е на 24 април 1954 година во Нови Сад.
– „Со неискажлива тага ја известуваме јавноста дека денеска, по кратко и тешко боледување, почина Саша Поповиќ, основач и креативен директор на Гранд продукција. Александар Саша Поповиќ низ децениската работа беше визионер и посветен професионалец. Преку музиката и телевизијата, тој откри и поддржа бројни таленти, обликувајќи го звукот и духот на една ера“, соопштија од продукцијата.
Како млад имал голема љубов кон фудбалот, а извесен период тренираше во клубот Војводина.
Неговиот татко бил мултиинструменталист и пејач на Радио Војводина, поради што сакал неговиот наследник да влезе во светот на музиката и да почне да свири хармоника.

Многумина го паметат од периодот кога свиреше хармоника и беше дел од групата „Слатки грех“, но во светот на музиката влезе многу порано.
Во 1976 година го основа бендот „Лира шоу“, кој изведуваше народна музика. Бендот се засили кога им се придружи Лепа Брена како водечка пејачка.
После тоа, во 1982 година, групата го менува името во „Слатки грех“ и тргнува на турнеја низ поранешна Југославија, постигнувајќи голем успех.
За српски „Блиц“ се огласија Лепа Брена и нејзиниот сопруг Боба Живоиновиќ.
- „Ова е голема загуба за сите нас. Бевме пред се кумови, пријатели и најблиски деловни соработници. Сега кога требаше да ужива, се случи ова. Голема загуба е, што да кажеме повеќе. Беше голем” – велат Брена и Боба.
Саша Поповиќ не цела година се бореше со тешката болест убеден дека ќе ја победи. Имено, на свои млади години, како 37 годишник бил на турнеја во Бугарија и сакал да ја посети Баба Ванѓа. Таа му прорекла дека ќе умре на 86 години. Се’ што му прорекла за кариерата, дека естрадата ќе биде „под негови нозе“ погодила, но не и за возраста на која ќе почине. Саша се одјави на 70 години.
Неговото лекување од тешката болест беше доверено на лекарите во Париз, во Франција, каде што редовно одеше на терапија.
Саша за тешката болест дознал случајно откако ја скршил ногата, а раната не зараснала. Лекарите извршиле детални прегледи на цело тело на Поповиќ и откриле за жал дека неговата здравствена состојба не е добра. Иако третманот започнал веднаш, болеста не се повлекувала. Колегите до последен момент се надеваа дека ќе се врати во жирито на „Звезде Гранда“ и му испраќаа пораки на поддршка.