Пред зградата на Собранието на Град Белград претпладнево изби масовна тепачка меѓу граѓани и припадници на обезбедувањето.
До инцидентот дојде кога насобраните се обидоа да ја отстранат заштитната ограда, по што обезбедувањето ја прескокна заштитната ограда и физички ги нападна граѓаните. Ситуацијата во еден момент ескалира во сериозна пресметка.
Како што се гледа на видео снимката, дел од припадниците за обезбедување почнаа да ги удираат демонстрантите, на што тие возвратија. Инцидентот заврши со повлекување на обезбедувањето во кругот на зградата.
Privatni Šapićevo obezbedjenje tuče građane ispred skupštine grada Beograda!!! pic.twitter.com/Ib2we9kh7u
— Miloš Vučković (@Zvezdarko) March 6, 2025
Во Собранието се одржуваше седница на која се расправаше за повеќе предлог-одлуки, вклучувајќи го и ребалансот на буџетите на градските комунални претпријатија.
Граѓанската иницијатива „Мост останува“ повика на блокада на седницата, тврдејќи дека единствените легитимни точки на дневниот ред треба да бидат поддршката за студентските протести и мораториум на нетранспарентните градежни проекти, јавуваат српските медиуми.
По завршувањето на седницата, инцидентите продолжија. Полицијата во опрема за разбивање демонстрации беше распоредена пред зградата, а неколку лица се приведени.
Ситуацијата дополнително се вжешти кога припадниците на приватното обезбедување се обидоа да излезат од зградата за да му помогнат на својот колега, кој беше испрскан со солзавец. Собраните граѓани се обидоа да го спречат неговото евакуирање со Брза помош, но подоцна им беше дозволено да го однесат во болница.