Спортската редакција на GevgelijaNet.com следејќи ги спортските настани во општината Гевгелија и регионот во текот на 2024 година, со постигнатите резултати како дете-спортист дебитант на Државното Мотокрос првенство и освоената Вице-шампионска титула за 2024 во класата МХ50, го прогласи Драган Димов за „Најуспешен спортски дебитант од Гевгелија за 2024 година“, за придонесот во афирмацијата на спортот, на спортска Гевгелија и активација на младите и децата во спортот.
Плакетата му е доделена лично деновиве со цел да го запознаеме, а и Вие драги читатели да го дознаете најмалото и најуспешното спортско деби на гевгелискиот мотоциклист Драган Димов.

Драган е дете од 8 години, а со моторот МХ50 започна да вежба и тренира на патеката „Милци“ кај Гевгелија на своја 7 годишна возраст. Имаше паѓање, имаше издигнување, имаше брзински скокови, многу изголтана прашина од теренот, но ова дете-виртуоз на две тркала не се откажуваше. Со својата непоколебливост да продолжи со спортот и вољата да го совлада тешкиот мотор, потежок и од него самиот, Драган се избори да се искачи на подиумот за Вицешампионското место од Државното мотокрос првенство на Македонија.
Наградниот Пехар му беше доделен на 25 јануари годинава на свечена манифестација во организација на Мотоциклистиччката Федерација на Македонија, во х. „Александар Палас“ во Скопје.
GevgelijaNet: Првото прашање до гевгелискиот Вицешампион во мотокрос во класата МХ50, до најдобриот спортски-дебитант од Гевгелија за 2024 година гласи „Како ова мало детенце одбра да се носи со моторите, да се натпреварува, па дури и да победува?“
Драган: -„Јас од мал си играм со точак. На еднаилоп годинка го совладав точакот балансер, па потоа возев тротинет. Сите мои играчки беа на тркала. На 5 години сам научив да возам точак без помошни тркала“ – вели гордо и со насмевка на задоволство нашиот мал соговорник.
GevgelijaNet: Како од точак се одлучи на мотор. Дали некој дома возел мотор, си пробал да бидеш до возачот на моторот, или како?
Тоше Димов, татко на Драган: Купивме мотор, од љубопитност, да видиме дали предизвикот ќе му оди напред. И, не погрешивме. Драган го засака и моторот. Почна да тренира со членовите на Мотокрос клубот Гевгелија на патеката Милци. Започна да тренира во септември 2023, а во 2024 веќе настапи на Државното мотокрос првенство. Тогаш имаше само 7 години.

Милан Стојанов: -„Драган тренираше само шест месеци, само што наполни 7 години и во септември беше на патеката „Милци“ со својот мотор. Во март следната година веќе настапуваше на Државното првенство што го организираше Македонската мотокрос Федерација, а домаќин и коорганизатор беше нашиот мотокрос клуб Гевгелија.
Драган на ова првенство на првиот свој натпреварувачки настап освои ПРВО место со 44 бодови и беше вистинско изненадување на патеката. Потоа ги продолжи и другите трки од Државното мотокрос првенство на патеките низ Македонија. Со одличните пласмани во текот на годината Драган освои ВТОРО место и стана Вицешампион на мотокрос во класата МХ50 во Македонија“ – ги објасни спортските почетоци и изненадувачките резултати на Драган, самиот претседател на Мотокрос клуб Гевгелија, Милан Стојанов.
GevgelijaNet: Ваквиот пласман сигурно импресионира. Што се следните планови со овој нов спортски талент на две тркала?
Милан Стојанов: Правилата на Моторциклистичката Федерација налагаат Драган да премина во следна натпреварувачка класа, бидејќи сега има 8 години, а во текот на годината ќе наполни 9 години. Оваа возраст се натпреварува со брзински мотори од класата МХ65 сс што е нов предизвик за Драган. Сите трки од државното првенство се случуваат во текот на 2025 година, а Драган во август ќе наполни 9 години. Беспредметно е да се натпреварува во сегашната класа.
Таткото Тоше Димов: Веќе набавивме нов мотор за Драган и тој вежба со своите мотокрос колеги.
GevgelijaNet: Како се снаоѓаш со новиот брзинец на твоите 8 години сега, мотор кој е предвиден за возраст од 9 години, а ти уште немаш толку години? Ти помагаат и клубските другари од Мотокрос клубот Гевгелија?
Драган Димов: Патеката „Милци“ ми е најсакана. Таа има мека подлога и ми е позната секоја кривина. Возам со новиот мотор и се снаоѓам со гаста, кочниците, кумплингот. На новиот мотор овие се со рачни команди. Од другарите најмногу ми помагаат Саше, Димитар, Иван. Кога возам има и паѓања. Претседателот Милан прв ми покажа техника како да го кренам тешкиот мотор од земја и да продолжам да возам.
Милан Стојанов: Навистина Драган ги сака моторите и уште на првиот тренинг ги совлада командите на новиот мотор. Со него, заедно и со останатите членови на Мотокрос клубот Гевгелија тренираме секоја сабота и недела на „Милци“. Се подготвуваме за Државното мотокрос првенство. Драган ќе го пријавиме во новата класа МХ65 сс. Оваа година нема да бидеме домаќини на ДП, ќе паузираме.
GevgelijaNet: Ти си Драган ученик, сигурно имаш многу другари. Знаат ли тие дека си Вицешампион во мотокрос на Македонија во класата МХ50?
Драган Димов: -„Јас сум ученик во III-то одделение во ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија. Моите другари не знаат дека сум вицешампион“ – ни открива скромно ова детенце кое победува за спортски престиж, а не за училишни фалби.
GevgelijaNet: Значи на училиште си ученик како и секој друг, со редовна настава и посета на часови. Кои се твои омилени предмети?
Драган: Па, најповеќе сакам математика, потоа англиски јазик и физичко. Тренирам и фудбал со ФК „Кожуф“ генерација 2016 со тренерот Никола Караколев. Претпладне, времето го поминувам во теретана, со вежби за моојата возраст и мускулатура.
GevgelijaNet: Спортското деби-изненадување од Гевгелија годинава ќе атакува на нова победничка титула во класата МХ65. Какви други планови за настапи има Мотокрос клубот Гевгелија?
Милан Стојанов: Нашиот клуб брои 5 членови и секој ќе атакува во својата класа за победа. Драган веќе се изјасни дека ќе вози за трофеј. Годинава имаме уште еден член повеќе, тоа е 7 годишниот Слаѓан кој ќе се натпреварува во победничката до сега класа на Драган, а тоа е најмалата класа МХ50. Се надеваме на успех. Сите посветено тренираат и сите очекуваат висок пласман – ни открива претседателот на гевгелискиот мотокрос клуб.

А сега мал фото приказ за тоа како најдобриот дебитант на Гевгелија владееше со спортските мотокрос патеки во Гевгелија, на Милци, во Грција на тренинг, на победничките подиуми. Ова е веќе архива за деби-победникот, а нова победничка документација му посакуваме да пополни и во целата натпреварувачка 2025 година.


Честитки Вице шампионе! Па, годинава да станеш Шампион No1 !