Екипа на ТППЕ Гевгелија составена од 4 пожарникари и едно противпожарно возило денеска успешно го локализираа, а до пладне целосно го ликвидираа пожарот што изби во близина на селото Петрово, општина Гевгелија.
Пожарот уништи дабова шума во близина на селото. На терен беа и 6-мина вработени од ШС „Кожуф“ Гевгелија.
Ова е втор шумски пожар годинава, значи пожар на отворен простор, иако е зима, но сушниот период годинава остави исушената вегетација која е лесно потпалива, особено ако не се внимава при престојот во природа.
Претходно, на 8 март имаше пожар кај с.Кованец. Пожарот започнал од левата страна од патот кој води за с.Кованец, гевгелиско, од патот огнот продолжил накај реката и овде зафатил да гори поголем простор од шумската вегетација низ висините. Екипа на ТППЕ Гевгелија интервенираше истиот ден и успеа до вечерните часови, до 20 часот истиот да го локализира. Следниот ден екипа на ТППЕ беше на проверка на опожарениот терен и згариштата и обновените места кои се разгореле од ветрот, беа целосно ликвидирани.
Инаку, иако не е лето, кога сезоната на пожари е интензивна, екипата на ТППЕ Гевгелија ниту во зима не е без работа.
- „Од почетокот на годината до сегашниот ден ТППЕ Гевгелија има интервенирано на 38 пожари. Најголем дел од интервенциите се однесувале на запалени оџаци, запалени контејнери, опожарени возила, значи повеќето се пожари во урбана средина и на отворено, во случај со опожарените возила.
Бележиме е два шумски пожари, во Кованец, кој настана на 8 март, и во с.Петрово кој беше регистриран вчера во доцните попладневни часови. И двата пожари се навремено локализирани и ликвидирани. Состојбата на теренот укажува дека во прашање е човечки фактор и несовесно однесување кон природата“ – изјави за GevgelijaNET.com командирот на ТППЕ Гевгелија, Игор Ризов.
Од ТППЕ Гевгелија апелираат на внимателност при престој во природа.