На плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, вечерва (24 март 2025) почна протестниот марш со кој се бара одговорност за трагедијата во Кочани каде во пожар во дискотеката „Пулс“ ноќта меѓу 15 и 16 март загинаа 59 лица, а над 190 беа повредени. Организатор на протестот е граѓанското движење „Кој е следен?“ кое тврди дека нема никаква поврзаност со политички партии ниту собира политички поени.
Протестот започна со триминутен молк почит во чест и сеќавање на настраданите.
На почетокот на протестот на централниот плоштад во Скопје присутните граѓани палеа свеќи, положуваа цвеќиња… Насобраните скандираа: „Доста бевме ние, системот е следен“, „Одговорност”, „Доста беше смрт”, „Транспарентност”.
Почетокот на протестот беше закажан во 18:59 часот, симболично во чест на бројот на жртви во Кочани –59.
Според најавата од организаторите, маршот продолжи пред Собранието. Овде требаше да се изведе 5 мин. аплауз. Но, наместо пред Собранието, најавениот 5-минутен аплауз беше пред Градската болница со скандирање: „Вие сте херои“, како благодарност за лекарите.
Маршрутата продолжува се до Владата. Во меѓувреме МВР издаде соопштение со кое беше објавена забрана за летање и снимање со дрон над плоштадот „Македонија“ и околните улици.
Граѓанското движење „Кој е следен?“ кое се формираше по смртта на младата Фросина Кулакова која беше прегазена во сообраќајна несреќа на 29 јануари годинава кај Универзалната сала во Скопје.
Движењето „Кој е следен?“ организираше низа протести барајќи правда за Фросина, а го иницира и последниот масовен собир во Скопје на 18 март на кој се оддаде последна почит жртвите од дискотеката „Пулс“.