Ракометарите на Партизан Гевгелија победнички го започнаа настапот во плеј-аут фазата од прволигашката ракометна конкуренција.
Гевгеличани на гостувањето во Струмица кај Астраион триумфираа со 37:33 (18:16), а победата ја обезбедија со подобрата игра во финишот од натпреварот.
Двете екипи имаа свои моменти, но гевгелиските ракометари, иако на гостински терен подобро се снајдоа во завршницата, па така со освоената победа го зголемија бодовното салдо, сега имаат 12 бода.
Кај гевгелискиот тим на теренот се истакнаа: Илија Пејковски со девет погодоци, по седум имаа Никола Анакиевски и Јован Гетов, а пет реализации имаше Иван Велев.
Кај струмички Астраион Марко Стојанов ја предводеше листата на стрелците со седум погодоци, еден помалку имаа Гоце Аргиров и Христијан Ефтимов.