Започна продорот на многу ладен воздух директно од Сибир во Македонија. Токму ова веќе условува формирање на секундарен снежен циклон и нагло и значително опаѓање на температурите. Се очекува за 10 до 15 степени пониски температури вечерва во однос на оние кои ги имавме до вчера (сабота 5 април).
Врнежи од снег попладнево имаше најпрво во Крушево. Во 14 часот снежната покривка изнесуваше само 1 сантиметар, а снегот продолжи да паѓа и во остатокот од денот.
Снегот ги изненади жителите на Охрид, Струга, Ресен, Тетово, Маврови анови, Попова Шапка, Скопје, Велес.

Во Битола до 20 часот снегот кој наврна остави снежно белило од 13 сантиметри, а во Охрид снежната покривка изнесува 10 сантиметри.
Во Маврово и Ростуше снегот изгледаше како деновиве да го очекуваме Божиќ, а не Велигден.
Снегот продолжи да паѓа и во Скопје вечерва.
Студениот бран на југот се манифестираше со засилен ветер со брзина од околу 60 км/час.
Снегот и ниските температури придонесоа денеска од 17:00 ч. да биде воведена забрана за управување со ТМВ на патен правец Охрид-Битола кај превој Буково.
Од 18:00 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка поради врнежи од снег се воведува задолжителна употреба на зимска опрема (ланци) за сите видови на возила.

Времето не ја галеше ниту планината Кожуф кај Гевгелија и во кавадаречко. Планината утринава осамна со снег и неспремните посетители на планината залутале. Така беше со планинар од Скопје кој поради наврнатиот снег залутал во планината.
Тимот на ЦУК денес во 13:15 часот доби повик на единствениот број 112 за залутано лице на планината Кожув, во близина на местото Мрежичко. Лицето било планинар од Скопје, кој претходната ноќ ја преспал во планината, но поради лошите временски услови и наросувањето од снег, загубил ориентација и решил да побара помош од службите.
Од страна на Центарот за управување со кризи (ЦУК), биле алармирани тимови за спасување, планинарот бил лоциран, згрижен, а подоцна и превезен на сигурно место.