После 23 дена од трагедијата во Кочани стигна нова лоша вест – Александар Гавриловски е 61 жртва на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој беше пратен на лекување во Литванија, потврди попладнево министерот за здравство Арбен Таравари.
– „Денеска во 11 часот почина и вториот пациент којшто престојуваше во Литванија, се работи за Александар Гавриловски, роден на 7 март 1996 година, значи 29 години, којшто беше во критична состојба од почетокот“ – рече Таравари на прес-конференција.
Гавриловски бил упатен од Општа градска болница на 17 март на лекување во Литванија. Неговата состојба била критична од самиот почеток, но од 4 април се влошила уште повеќе. Од вчера, пациентот бил на хемодијализа и за жал денеска во 11 часот починал.
Овој е вториот пациент кој почина од оние 193 што се лекуваа.
Тој имал 35 отсто изгореници по телото, со изгореници и на дишните патишта. Бил критичен цело време, од оние четворица критични што цело време се кажуваат.
Во моментов, во болниците во странство се лекуваат 66 повредени, а десетмина се во македонските болници. Двајца се во критична состојба.
Семејството, пријателите и јавноста се збогуваат со младиот човек, чија борба за живот, за жал, заврши трагично.
Трагедијата во дискотеката „Пулс“ ја потресе целата земја, а надлежните институции и натаму спроведуваат истрага за причините што доведоа до пожарот, со цел да се утврдат одговорностите и да се спречат слични катастрофи во иднина.