Претседателот на организациониот одбор на „Dance Fest“ Александар Аврамов, претседател на „Mystic dance“ од Гевгелија, фестивал кој се одржа по втор пат во Гевгелија, со интенција да прерасне во традиционален, не го крие задоволството дека фестивалот претставува празник на танцот, забавата и инклузивата, под домаќинство на Гевгелија.
Фестивалот имаше натпреварувачки карактер, собра на едно место, во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија, 613 учесници од 9 танцови студија од Македонија и се изведоа танцови точки поединечно и групно во траење од над пет часа. Толку часови со музика и танц уживаше гевгелиската публика.
– „На натпреварот имаше многу успешни настапи. Учесниците беа поделени по категории: по возраст, по број на учесници во самиот настап (соло, дуо, група, формација и продукција) и по стил на танц. Имавме од класичен и модерен балет, до џез балет и шоу денс, па се до латино танци и урбани стилови. Со оглед на тоа што имавме шаренило во стилови, добивме и доста категории, а со тоа и повеќе победници. На нашиот натпревар не се избираат апсолутни победници затоа што барем засега, целта ни’ е да презентираме колку е можно повеќе стилови и да самиот настан биде повеќе како фестивал на кој ќе се слави танцот во сите форми“ – изјави за GevgelijaNet Александар Аврамов.
– „Мене лично редовно најмногу ме погодуваат настапите во категорија Пара танц и благодарение на танцово студио “Еурека” од Скопје и оваа година имавме чест да проследиме настап на инклузивна формација составена главно од лица до попречености.

– „Студиото „Мystic dance“ учествуваше со 7 формации од кои 6 имаа прва изведба. Исто така имавме и 20 солисти. Плaсманите на Мистик се движеа од 1 до 9 место. Според реакциите после натпреварот впечатоците се дека „Мистик“ е во чекор со трендовите во урбаната танцова сцена и дека постои напредок кај сите членови и групи“ – оцени Аврамов.

- „Ни’ претстои богата натпреварувачка сезона во текот на 2025 година“ – ги најави бројните настапи на кои се подготвува „Мystic dance“ да ги освојува домашните и странски сцени, претседателот на гевгелиското танцово студио Александар Аврамов.

Ние им посакуваме успех во понатамошните заложби на членовите и нивниот претседател и кореограф на „Mystic Dance“ и секако честитки за постигнатото и организационите заложби на овој броен, детски, младински денс фестивал.
Настанот се одржа како дел од манифестацијата „Гевгелија град на културата 2025“, a фестивалот е поддржан од Општина Гевгелија преку Програмата за програми и проекти од областа на културата за 2025 година.



