Цените во маркетите подивеа: Црешите се продаваат по 1359 денари за 1 килограм, јаболките и бананите над 100, цитроните по 130, праските 600 денари
Граѓаните на социјалните мрежи постираат цени од маркетите, кои се така високи, што наместо купувачи, станале фотографи на енормниот ценовен шок по маркетите.
Сезонското овошје, како црешите се продаваат по цена од 1.359 денари за еден килограм.
– „Една цреша, една солза… Јадеш и плачеш 😂😂😂. Уште некое црвче да прошета ќе биде интересно! Тинекс, не сте тачни 😍“ – коментираат загрижените купувачи.

Цените во маркетите подивеа откако заврши владината мерка за замрзнување на трговските маржи. Дел од производите поскапеа веднаш што предизвика шок кај граѓаните.
Во одредени супермаркети, освен црешите загрижуваат високите цени и на другите артикли, праските се продаваат по 600 денари, цитроните за 130 денари 1 кг, а јаболките и бананите – основни артикли во секое домаќинство – надминуваат 100 денари по килограм.
Но, зголемувањето на цените не е ограничено на пример само на овошјето, туку поскапувањата се пресликаа и на основните хигиенски и прехранбени артикли како тоалетна хартија, паста за заби, млеко, масло, јајца и сирење исто така забележаа значителен раст.
Трговците тврдат дека маркетите не се виновни за новите цени. Од таму објаснуваат дека трговците не се носители на ценовниот удар, туку дека тој доаѓа од страна на производителите и увозниците.
Пред да заврши мерката на владата за замрзнување на трговските маржи, во маркетите во Гевгелија крем на марката Нивеа од 150 мл чинеше 183 денари, а оваа недела 355 денари истото пакување со иста грамажа. Мислите ли дека „Нивеа“ чекала да заврши мераката на Владата и да ги покачи цените за 94%, баш оваа недела?
Пред истекот на владините мерки за замрзнување на цените и ограничување на маржите за над илјада основни производи, надлежните од Владата и Министерството за економија најавија засилени инспекции и уверуваа дека нема да дојде до драстичен раст на цените. Сметаа дека пазарот ќе остане стабилен, без поголеми потреси.
Но, реалноста ги демантираше овие оптимистички прогнози – цените скокнаа веднаш по укинувањето на мерките. Сега останува прашањето: дали и какви нови мерки ќе преземе Владата за да им помогне на граѓаните и да го амортизира ударот врз домашниот буџет?