Западниот булевар кој поминува низ населбата „Караорман“ во Гевгелија, влегува во завршна фаза со поставување на „АБ“ асфалтен слој на последниот километар од трасата.
Овој булевар има славна политичка историја – содржан е во предизборните програми на четири изминати градоначалници на општина Гевгелија, кои во својот мандат реализираа по некој километар должинска траса. Вкупно 18 години проектот е пишуван и препишуван во Програмата на општина Гевгелија за изградба на нови улици и патишта.
Денеска актуелниот градоначалник Сарамандов објавува дека се асфалтира последната делница долга 870 метри патна линија од булеварот кој има проектно име „Изградба на улица Св. Климент Охридски“. За реализација на проектот општината обезбеди сопствено учество од 30 милиони денари, задолжувајќи се со кредит од комерцијална банка со три години грејс период.

Неполни две децении се зборува за изградба на Западниот Булевар, проектно наречен улица „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија, поточно, продолжување на булеварот „Гевгелија“ и неговиот западен крак, од колективната станбена зграда, позната како „Грчка“, на Караорман, па се до Динќут. Со изградба на оваа значајна сообраќајница ќе се создадат услови за дислокација на товарниот сообраќај од центарот на градот, кој досега се одвиваше преку улицата „Петар Мусев“.

– „Во наредниот период ќе продолжиме со завршување на преостанатите фази и со нетрпение го чекам завршувањето на овој за мене мошне значаен и приоритетен проект.
Со изградбата на оваа обиколница Гевгелија добива пред се развој, но и решение на еден горлив проблем со сообраќајниот хаос од товарни возила пред училиштето „Крсте Мисирков“ – напиша на социјалните мрежи градоначалникот Сарамандов.