Со голем јубилеен настан во спортскиот центар „Борис Трајковски“, легендарната хумористична група „К-15“ го одбележа триесетгодишното постоење. Илјадници обожаватели, гласно смеење и аплаузи. Со Цацко, Миле Паника и Тошо Малерот, повозрасните генерации се вратија низ времето, а поновите генерации се потсетуваа и на култните скечеви кои се достапни и на јутуб.
Уште на самиот старт Цацко праша дали се дојдени Охриѓани, Гевгеличани… А, потоа цела публика се потсети на хитот „Градинарот цвеќето го расте“.
Еден од првите скечеви беше посветен на играњето фудбал во канцеларија на Владата, каде Миле Паника е советник, но и на дриблањето на институциите кое го направи познат политичар кој сега веќе не е во Македонија. Низ скечот на фудбалот, Миле Паника би потсетил на уште еден политичар: „Ние намерно се враќаме да земеме залет, кога ќе скокнеме оп, директно во Брисел. А не како некои што прават со двоскок, Будимпешта, па Брисел“. Потоа, Миле Паника, како советник во Владата советува, дека за младите има два излези: првиот на аеродромот во Скопје, вториот во Охрид.
На мета на хуморот и сатирата на К-15 беа и македонските песни.
Меѓу паузите, на екранот во салата беше емитувана сцената каде гостин во скечот е Андреј од ДНК, кој трагично го загуби животот во „Пулс“ и истата беше поздравена со аплауз.
Закажани се уште два настани, за денес и утре.
