Најмалите, посетителите на детската градинка „Сончогледи“ и ученици од ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија први ја посетија Територијалната противпожарна единица во Гевгелија и им упатија честитки на вработените по повод нивниот празник, 20 Мај, денот на пожарникарите во Македонија.
Овде ги видоа цистерните за носење вода, противпожарните возила, цревото за гаснење пожари, работната опрема на пожарникарите, а им беше и демонстрирано колку далеку досега водата од шмркот кога треба да се интервенира при гаснење пожар.

Децата научија нешто за оваа одговорна професија, а во знак на благодарност за нивната грижа за спречување на настанување на пожари, гаснење на пожари и спасување на луѓе, на пожарникарите им подарија цртежи изработени на своите часови по ликовно. На цртежите доминираат црвените противпожарни возила, скалите за качување високо за интервенција, пожарникари со шлем, пожарникари со црево за гаснење пожар.

Средбата беше срдечна, за славениците празнична, за децата корисна бидејќи стекнаа нови знаења за тоа како функционира противпожарната единица во Гевгелија.

Инаку, почетоците на организираното противпожарство на територијата на Република Македонија датираат уште од првата половина на XVIII век. По катастрофалниот пожар на Битолската чаршија, со Повелба од румелискиот валија, на 20 мај 1836 година, во Македонија се формираат платени служби за гаснење на пожари. Овој ден – 20 мај, по предлог на Противпожарниот сојуз на Македонија, денес се празнува како ден на пожарникарството во Македонија.
Одбележувањето на овој ден започнало од 20 мај 1991 година по осамостојувањето на Македонија и се прославува и одбележува со низа активности, показни вежби од ТППЕ-ници веќе 34 години по ред.
Македонските пожарникари претставуваат симбол на пожртвуваност, солидарност, помагање и подготвеност за справување со секакви ситуации, како и градење на безбедно општество за сите нас.
Нека е честит Денот на пожарникарите!