Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија донесе ОДЛУКА:
Изречени се ЗАБРАНИ за извршување функција на две лица, тоа се, Славчо Георгиевски, тренер на ФК „Кожуф“ и Пепи Ѓоргиев, технички директор на ФК „Кожуф“.
Одлуката е донесена на последната одржана седница врз основа на доставените извештаи и официјалните забелешки, од одржаниот натпревар „Кожуф“ Гевгелија – „Башкими“ од Куманово, а се однесува на дел од засегнатите лица на спорниот меч одигран на 6-ти мај.
Башкими победи со спорен гол на крајот на мечот, во 93-та минута, а никој од играчите на тимот од Гевгелија не реагираше на топката, туку стоеја во место, и одбраната, и голманот. Од ФФМ велат дека забрани за извршување функција се изречени на две лица.
Славчо Георгиевски, тренер на ФК Кожуф, доби забрана за вршење на функција во времетраење од две години, како и Пепи Ѓоргиев, технички директор на ФК Кожуф, кој исто така доби забрана за вршење на функција во времетраење од две години.
Поведени се постапки против ФК „Кожуф“, поради прикривање и нерегуларности на натпреварот ФК „Кожуф“ – ФК „Башкими“. Од истата причина, веќе е поведена постапка против ФК „Башкими“, пренесува gol.mk.
Постапка се води и против Фетахи Фуркан, комесар за безбедност на ФК „Башкими“, како и против 4-ри играчи на ФК Кожуф (К.С.; Ј.П.; Б.К. и Д.Б.) – за прикривање информации поврзани со натпреварот ФК„ Кожуф“ – ФК „Башкими“.
ФФМ не се шегува, донесена е и одлука за отстранување од фудбалот на две лица од ОФС од Охрид, Претседателот и Секретарот на ОФС Охрид заради измама. Интегритетот на фудбалот мора да се заштити пред се’, велат од ФФМ!