Синоќа во Домот на културата во Миравци се одржа традиционалната фолклорна манифестација „Ѓура Мара“, културно обележје на ова населено место веќе 150 години.
Миравчани и годинава достојни на традицијата и манифестацијата која го слави херојството на нивните жители, братот Ѓуро кој ја ослободил сестра си Мара од турските грабнувачи, но во борбата бил смртно ранет, ја одржаа манифестацијата во сеќавање на овој настан, кој за новите генерации изгледа како легенда.
Низ оро и песна на сред село “Собрале ми се набрале” легендата ја оживуваат фолклористите од КУД “Танец” Миравци, најстарото фолклорно друштво во општина Гевгелија. (Видеото е од орото сред село, минатата година).
Во сеќавање на тоа херојство и смртта на Ѓуро на трет ден од Велигден во XIX век, манифестацијата беше одложена заради новата млада загуба годинава на 19 годишно момче од овој крај. Миравчани не ги забораваат своите млади жртви, денеска и небото плачеше, а овие силни луѓе во падините на Кожуф само потврдуваат дека нивната истрајност е безвременска.
Манифестацијата “ЃУРА МАРА” е поддржана од Министерството за култура на РСМ и дел од програмата “Гевгелија, град на културата 2025”.
Годинава настанот се одржа на сцената во Домот на културата.Вака изгледаа разиграните играорци од КУД „Танец“.
Традицијата е пренесувана од колено на колено, од мајка на ќерка, од татко на син, од свекрва на новодојдена снаа во селото… никој не ја заборава историската случка на заедничка сплотеност на селаните за спас на нивните жители, културни обичаи, традиции. И денеска „Ѓура Мара“ ја играат младите од новата генерација фолклористи, но и најмладите кои сакат да заекорат по стапките на големите.
Запознајте ја АНА – НАЈМАЛАТА ИГРАОРКА на “ЃУРА МАРА”
Ана има 2 години и 4 месеци и со радост се подготвува за учество во традиционалните народни игри во своето место, каде цело село ја слави храброста на братот Ѓуро и спасувањето на убавата мома Мара која била грабната од турците, на сред село, од моминското оро, на трет ден Велигден.
Во традиционалната народна игра која опстојува 1,5 век селаните го бранат моминското оро да не се фаќат до момите ниту момчиња, а не пак турците кои биле тогаш, покорувачи.
Ана е спремна да заигра со момите, да ја прифати народната опеана традиција во своето село, облечена е во традиционална народна носија од Миравци, накитена со црвена шамија и опинци.
Убавата наследничка на Ангел и Софија Спасови, наследничка на традициите во Миравци.
Голема да растеш АНА, убава и среќна и да заиграш некогаш во улогата на опеаната Мара од манифестацијата “Ѓура Мара”.
Еве ја најмлата играорка Ана со тетката Александра и братучедите Дани и Убавче, спремни да заблескаат на манифестацијата.
Традицијата се пренесува од колено на колено, така живее легендата за „Ѓура Мара“ веќе низ три века, од 19, 20 и актуелниот 21 век, а новите генерации со гордост ја носат носијата од овој крај и ги учат ората, песните и русалиските игри.
Миравчани, достојни на традицијата и својата роднокрајна културна историја и народен фолкор!